пишува: ГОРДАН СТОШЕВИЌ
(продолжение од 1. дел)
Овој договор не само што нема да ги наруши досегашните одлични односи помеѓу Израел и Србија, туку ќе ги надогради и зацврсти, договор кој за двете земји ќе претставува излез од регионалната и меѓународната изолација и јакнење на нивниот углед. И покрај фактот што во Белград после потпишувањето на договорот неистомислениците се обрушија со лавина негодувања во јавноста, со тврдења дека Србија е единствениот губитник по договорот. Српската опозиција и дел од академската заедница и интелектуалната елита не пропушти јавно да ја прокоментира штетноста од договорот, тврдејќи како Србија со овој договор не обезбедила никакво политичко решение во однос на проблемот со, како што ја нарекуваат, „својата јужна покраина“, која Белград ја смета за неделив дел од Србија. Дури и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ гостувајќи на националната телевизија РТС, рече дека Србија со ништо не се обврзува да ја признае независноста на Косово. Но, критичарите на овој договор беа погласни на социјалните мрежи, каде изнесоа безброј аргументи за штетата која е направена од страна на претседателот Вучиќ, кој се обидуваше да го дефокусира вниманието на јавноста со површни работи од престојот во Белата куќа, по примерот на добивањето клучеви од истата и пенкало од Трамп. Гест за кој иронично многумина во Србија прокоментираа дека секогаш по правило клучевите ги добива домарот.
Голем дел од критичарите на потпишаниот договор не пропуштија да укажат на импликациите кои ќе произлезат со спроведувањето на обврските од договорот, со кои директно би се влошиле односите со своите пријатели и стратешки партнери во меѓународната заедница, особено со Русија и Кина како постојани членки на Советот за безбедност при ОН. Тука секако доаѓа предвид и односот кон некои земји кои имаат клучна улога во Движењето на неврзаните, со кои поради историските околности Србија сѐ уште остварува блиски односи. Овде пред сѐ се става акцент на прогласувањето на проиранската Хезболах за терористичка организација од страна на дипломатски Белград. Незадоволството е дотолку поголемо што, покрај признавањето на Косово од страна на Израел, Белград е принуден на една година да ја прекине кампањата со која се бара од земјите членки на ОН да го отповикаат признавањето на Косово. Но, треба да се знае дека и официјална Приштина е обврзана во исто време за период од една година да стави мораториум на барањата за полноправно членство во меѓународните организации како што се ОН, ЕУ, НАТО, Интерпол и др.
Освен политичките одлуки кои мора да ги донесе официјален Белград, спорни се и оние економските, на кои во прв план се става акцентот на американскиот капитал, кој добива највеќе со потпишувањето на договорот помеѓу Србија и Косово под покровителство на САД. Пред да се префрлам на спорните точки кои се однесуваат на економските прашања опфатени со договорот, само да напоменам дека, според Уставот на Србија, надворешната политика ја води Владата на Србија, а не претседателот на државата, бидејќи тој нема правно овластување да потпишува меѓународни договори кои треба подоцна да бидат ратификувани од највисокиот законодавен дом, Собранието. Токму овој договор има таква тежина.
Во однос на економските прашања од договорот, критичарите истакнуваат дека со одлуките кои треба да ги спроведе Србија како резултат на обврските на истиот, треба да се отстрани влијанието на Русија и Кина на Балканот, простор кој претставува порта за влез во Европа, каде во наредните декади ќе бидат реализирани нивните империјалистички интереси на стариот континент. Меѓу другото, Србија се обврзува дека како страна од договорот ќе забрани инсталирање и употреба на 5Г телекомуникациска опрема од несигурни добавувачи во развојот на нејзината телекомуникациска мрежа. Одлука која директно се однесува на соработката со кинескиот гигант Huawei, кој веќе има поставено во Србија една мрежна станица со кинеска опрема, како резултат на договорот Србија да стане дел од дигиталниот пат на свилата, но бидејќи истиот не е комерцијален, не може да биде обврзувачки.
Ако се вратиме само неколку месеци наназад, во екот на кризата предизвикана од пандемијата со новиот корона вирус, ќе се сетиме дека Вучиќ секојдневно го критикуваше односот на ЕУ кон Србија, додека во исто време се повикуваше на „братот“ Кси Јинпинг и братството помеѓу српскиот и кинескиот народ, реторика која во тоа време беше наменска како дел од изборната кампања. Во однос пак на Русија, која низ годините го брани територијалниот интегритет и државниот суверенитет на Србија, со тоа штитејќи ги своите интереси на Балканот, акцентот се става на инфраструктурните проекти на територијата на Косово, кои како велат критичарите на овој договор, ќе послужат единствено на НАТО трупите кои се таму уште од 1999 година.
Инфраструктура (автопат и железница) која пред сѐ ќе биде изградена со скапи кредити од американски инвестициски фондови, под будното око на Меѓународната корпорација за финансиски развој (US International Development Finance Corporation), наместо со поевтини кинески и руски кредити. Критиките не престануваат и кога е во прашање Мини Шенгенот на Западен Балкан, на кој се гледа како на изолација на претендентите за членство во ЕУ, која евроскептиците во Србија ја обвинуваат за наметнување на штетниот Бриселски договор од 2013 година. Договор со кој се воспостави класична административна граница меѓу Косово и, како што официјален Белград сака да верува „остатокот од Србија“, но и ги затвораат државните институции на Србија, со што Србија во потполност го губи суверенитетот над „јужната покраина“. Овде секако како незадоволна страна се јавува и самата ЕУ, особено нејзината прва перјаница, Германија, која има вложено многу големи средства по пат на заеми во енергетскиот систем на Косово, кој е предмет на спорот со Србија.
Од тука и загриженоста на Унијата од развојот на настаните на нејзино тло под покровителство на Вашингтон, кој патем не пропушта да ги заштити своите интереси кога е во прашање енергетската зависност на Европа од евтин руски гас, во замена за гас од американските сојузници, по примерот на интервенцијата за отповикување на проектот Турски ток, кој беше миниран од страна на Бугарија. Од Русија, за разлика од Кина, веќе пристигнаа првите неофицијални реакции после потпишувањето на договорот, кои сепак предизвикаа одредено внимание во Белград. Прва се огласи портпаролката на Министерството за надворешни работи на Руската федерација, Марија Захарова, која со невкусен твит на Твитер го прокоментира потпишувањето на договорот од страна на Вучиќ, со фотографија на која тој седи пред Трамп во овалната соба како на сослушување, а тоа споредено со сцена од филмот Основен инстикт, каде Шерон Стоун во улогата на писателката Кетрин Трамел седи со скрстени нозе додека е на распит во полициска станица пред цел тим полициски инспектори. Под ваквата неумесна компарација стои и зајадлив коментар: „Ако сте поканети во Белата куќа, а столицата на која седите е поставена како да ве испитуваат седнати како на сликата бр. 2, кој год да сте, само ми верувајте.“
Но, колку и да сакаат одредени политички центри да укажат на поразителноста од овој договор по српските интереси поради горенаведените отстапки, неспорен е фактот дека Србија сѐ уште не го признава Косово директно, како што тоа го прокоментираа многумина во Белград. Додека пак незадоволството на Кремљ изразено преку кореспондентите на руското СМИ, Марија Захарова може да се протолкува единствено како фрустрација од помислата дека во блиска иднина може да се случи признавање на Косово од страна на Белград, а со тоа и решавање на повеќедеценискиот проблем. Потег кој во многу нешта ќе ги загрози позициите на Русија во овој дел на Европа, со потполно губење на сферата на интереси, особено после влегувањето на Црна Гора и Македонија во НАТО. Дури и еден Милорад Додик, српскиот претставник во колективното претседателство на БиХ, инаку „верен“ сојузник на Москва на Балканот, му честиташе на Александар Вучиќ после потпишувањето на договорот со Хоти во Вашингтон.
Прашање е само колку овој потег на Србија ќе влијае понатаму на односите со Русија, особено ако се има предвид веќе најавената посета на Владимир Путин на Белград оваа есен. Но едно е сигурно, развојот на настаните на Балканот во моментов одат во прилог единствено на САД, кои не препуштаат ништо на случајноста. Додека пак на Русија во моментов ѝ преостанува со внимание да го следи развојот на настаните кај нејзиниот сосед Белорусија. Каде после одржувањето претседателските избори, на кои актуелниот претседател Александар Лукашенко прогласи убедлива победа со освоени 80% од гласовите, избија граѓански протести организирани од опозицијата, со кои се бара заминување на Лукашенко од власт.
Развојот на настаните во многу нешта ќе зависат директно и од изборната кампања во САД, и од евентуалниот реизбор на Доналд Трамп на позицијата во Белата куќа. Доколку тој биде повторно избран за претседател, може да се очекува Белорусија и Украина да бидат во потполност препуштени на руската сфера на интереси и влијанието на Кремљ во овој дел на Европа, во замена за повлекување од Балканот. Во прилог на ова оди и фактот што противкандидатот на Трамп, Џо Бајден веќе е компромитиран после информацијата за вмешаност на неговиот син во бизнис зделки со одредени политички фактори во Украина.
На крајот, колку ова ќе влијае на развојот на настаните во Македонија останува дискутабилно и може да се протолкува различно во зависност од кој агол се посматраат работите. Ако добро го погледнеме делот во патната инфраструктура и регионалното поврзување, ќе заклучиме дека Македонија сѐ повеќе се иззема од комбинација, со оглед на тоа што никогаш не се заокружија капиталните проекти за поврзување како железничката пруга и автопатот кон Бугарија и автопатот кон Албанија, како дел од Коридорот – 8. Дури и Коридорот – 10 сѐ повеќе се избегнува, додека масовно се инвестира на потегот од Белград преку Ниш кон Софија, и од Ниш преку Приштина кон Драч. Дури и во делот на гасификацијата земјите од Балканот во сите комбинаторики Македонија се споменува на маргините. Колку во една ваква ситуација во која се наоѓа економијата денес поради кризата со пандемијата, немањето на алтернативни патишта за поврзување ќе претставува проблем за Македонија, допрва ќе видиме. Но едно е сигурно, а тоа е дека без регионално поврзување на земјите од Западен Балкан нема да има просперитет ниту за еден народ. Ако воопшто работниот народ може да има просперитет покрај вакви политички елити, кои со своето владеење придонесоа за целосна изолација и назадување во интегративните процеси.