Барометарот на корупција на Транспаренси Интернешнл – Македонија за мај годинава по нивното следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“, во „бистрите“ настани го вклучува разрешувањето на судијата Енвер Беџети, кој, како што наведуваат, заедно со Артан Груби заврши на црната листа на САД поради сомнежи за мито во судски предмет за Сашо Мијалков.
Во „бистрите“ настани се и Врховниот суд, кој ја прифати како законска тајната снимка со која аптекарот од Онкологија беше осуден за примање поткуп од починатата пациентка Минка Веизовска, Уставниот суд, кој ги укина членовите од Изборниот законик со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и кривичните пријави за директор и раководител на одделение во М-НАВ, кои го оштетиле буџетот на компанијата за речиси 1,5 милиони денари.
Според барометарот на Транспаренси Интернешнл-Македонија, како „матни“ настани во соопштението се наведени: „Давале терапија која им ја влошувала состојбата на пациентите болни од канцер – детали за обвиненијата против директорите и лекарите од клиниката за Онкологија“, „Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Дуковска за уставен судија“, „Нетранспарентност во процесот на преговарање“, „Политички експонирани лица не пријавиле сопствеништва во фирми во изјавите за интереси во ДКСК – истражување на ЦГК“, „Лани најмногу прекршувања на човековите права имало околу вадењето патни исправи и правосудството“, „За дигитализација на матичните книги 8,5 милиони евра, а дел од граѓаните добиваат изводи издадени на машина за пишување“, „Ниту една општина во седиште во град не го исполнува стандардот за зеленило“, „За мито од стотина евра „издавале“ уверенија за странци во центарот на Скопје.
Фото: Транспаренси Интернешнл – Македонија