Министерката Јованка Тренчевска денеска ги посети децата од групните домови при ЈУ „25 мај“ и корисниците од ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Топанско поле.
Таа и децата во еден од групните домови при ЈУ „25 мај“ подготвуваа бадникова трпеза која се состоеше од бадниково лепче со паричка, сарми, грав, колачиња и други посни јадења карактеристични за овој празник, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Од Министерството информираат дека Тренчевска донирала два телевизори за групните домови, коишто се обезбедени преку соработката на МТСП и компанијата „Жикол“, а освен тоа биле разменети и други подароци.
– Бадникова трпеза се подготвуваше и со корисниците од Заводот за рехабилитација на деца и младинци -Топанско поле. Притоа, секој од нив беше вклучен во подготовка на храната за Бадник. Традиционално се кршеше и лепче со паричка, пропратено со песна и музика во изведба на корисниците и вработените, се вели во соопштението на МТСП.