Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатираше дека повеќе телевизии, спротивно на член 76 став 3 од Изборниот законик, емитуваа платено политичко рекламирање во кое учествуваат малолетници.
„Потсетуваме дека за содржината на платеното политичко рекламирање одговорноста е кај нарачателите, но радиодифузерите се одговорни за законитоста на неговото емитување. Оттаму, апелираме радиодифузерите веднаш да престанат да ги емитуваат овие спотови, а учесниците во изборната кампања да го усогласат нивното платено политичко рекламирање со законите. Радиодифузерите имаат уредничка одговорност за секоја одлука да емитуваат некоја содржина на нивниот програмски сервис. Затоа треба внимателно да ги прегледуваат сите содржини и да одбијат да ги емитуваат оние со коишто се прекршува не само Изборниот законик, туку и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова особено се однесува на посебните забрани од членот 48, во кои спаѓаат и поттикнувањето и ширењето дискриминација, нетрпеливост и омраза врз која било забранета дискриминаторска основа“, стои во нивното соопштение.
Во пресрет на предвремените парламентарни избори на 15 јули, ЦИВИЛ ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат добрите изборни практики, демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и безбедни избори.
ЦИВИЛ бара од партиите, но и од родителите да ги почитуваат правата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата и малолетниците никако не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата и малолетниците.
А. П.