пишува: ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ
Белешка од Редакцијата: Овој текст е објавен на Фејсбук во коментари на страницата на ЦИВИЛ, под објавениот текст од Дијана Тахири „Шоку Павле“, кој беше поттикнат од претходно објавеното „Отворено писмо до другарите и другарките Албанци по повод денот на потпишување на Рамковниот договор“ од Богоевски.
Драга шоку Диана,
Прво, ти благодарам за реакцијата. И за потребата да го изгуглам значењето на зборот „шоку“ и да дознаам дека тоа е „другар, пријател“. 🙂
Што се однесува до твоите забелешки кои не ги опфатив во текстот – со најголем дел сосема се согласувам, како што се на пример делот за другите етнички заедници и за цифрата од 20%. Не сакав да го ширам многу првичниот текст, ама планирам допрва да пишувам за тоа. Целта на отвореното писмо беше да започне дискусија за работи за кои не разговараме и јас сум многу задоволен од резултатот.
Понатаму, за критиките кон моите изнесени ставови – целта беше да пренесам дел од работите кои реално ги загрижуваат Македонците. Дали е реалност или се резултат на вкоренети стереотипи и недостаток на комуникација – тоа е друга работа и за тоа допрва треба да разговараме. Искрено и отворено, бидејќи не може поинаку. Но, вистината е дека тие и многу други работи се грижи кои реално постојат, а нивното бланкетно отфрлање ќе резултира само со дополнителна радикализација на и онака премногу радикалниот јавен дискурс.
За крај, морам и да ти кажам дека ми пречи констатцијата за супериорниот начин на поставување. Така говорам кон сите и иако многумина често ме обвинуваат за одредена доза на ароганција, јас тоа го гледам само како брутално искрена и ефективна комуникација- а никако како „супериорната поставеност на Богевски над неговата целна група – другарите и другарките Албанци“. Исто ми пречи и констатацијата за бројот на мои пријатели Албанци. Ја перцепирав како непотребно лична, тенденциозна и со цел на дискредитација, а одговорот на тоа прашање е: Колку се, толку се – другари ми се.
Се надевам дека ќе продолжиме со ваквата, културна и аргументирана комуникација.












