Иницијативата #БарамОдговор на ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува и на улица, односно, денеска ќе се постави штанд во 12 часот, кај Меморијалниот парк на паднатите борци во Скопје, (кај крстосницата Палета / Градски ѕид, во близина на книжарницата „Или-Или“). На штандот на ЦИВИЛ, граѓан(к)ите ќе имаат можност да поставуваат прашања и да бараат одговори од јавни личности, политичари, институции во врска со сите проблеми што ги мачат.
Инаку, иницијативата #БарамОдговор за првпат беше промовирана на улиците на Скопје во втората половина на 2016 година, како дел од проектот „Граѓански објектив“.
Идејата на иницијативата е граѓан(к)ите преку видео да поставуваат прашања до носителите на одлуки на локално или национално ниво, односно до институциите. ЦИВИЛ ќе ги адресира поставените прашања до соодветната институција или личност и ќе ја извести јавноста ако и кога ќе добие одговор на поставените прашања. Постои можност и за анонимно поставување на прашања на тој начин што, едноставно, камерата ќе биде насочена во друг правец.
На штандот на ЦИВИЛ заинтересираните ќе можат да се запознаат и со другите проектни активности на проектот „Граѓански објектив“ и да аплицираат за учество во големиот семинар што ќе се одржи 16-17 февруари во Велес.
Тие што нема да стасаат да дојдат на штандот на ЦИВИЛ, имаат можност, како и досега, прашањата во видео формат (или слефи видео) да ги испратат на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на Граѓанските новинар(к)и (во инбокс) или на мејл адресата [email protected].
Проектот „Граѓански објектив“ е поддржан од National Endowment for Democracy.
Д. Муратов