ЦИВИЛ – Центар за слобода ги мониторира изборните процеси низ повеќе сегменти од своите долгорочни проектни активности, а секако и како дел од стратешките и организациските заложби за одбрана на човековите права и слободи, вклучувајќи ја тука и заштитата на гласачкото право. Прва и основна цел на организацијата е одбрана на правото на глас, поаѓајќи од начелото дека државата има обврска да обезбеди максимални услови за искористување на тоа право на сите свои граѓанки и граѓани, без исклучок.
Дел од тие проектни активности се поврзани со проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Дел од целите на проектот е јакнење на јавната свест за граѓанско учество и дејствување во процесите на донесување одлуки и партиципација во општествените процеси за демократски трансформации, почитување на човековите права и владеење на правото. Во тој контекст, ЦИВИЛ го дава својот придонес и со мониторинг на изборните процеси во Република Северна Македонија.
Преку овој проект, ЦИВИЛ ангажира 60 краткорочни набљудувачи, додека другите членови на проектниот тим и соработниците низ целата земја го набљудуваат изборниот процес на долгорочни основи. Нивните извештаи добиваат и медиумски простор на ЦИВИЛ Медиа, најрелевантното место за директно запознавање на јавноста за сите недостатоци и нерегуларности во изборниот процес. Самите проектни активности подразбираат посебен фокус на правото на глас, политичката корупција и изборниот поткуп, заканите и притисоците, како и политичкото финансирање.
Уште во првиот круг од изборниот процес, но и во текот на изборната кампања за вториот круг на гласање, набљудувачите на ЦИВИЛ нотираа голем број случаи на говор на омраза, лажни вести, политичка корупција, црна пропаганда, предвремена кампања… Исто така, тие обрнаа внимание и на активностите на самите учесници во изборниот процес, политичкото финансирање, инволвираноста на институциите и на медиумите.
И овие 60 набљудувачи на ЦИВИЛ поминаа низ обуките за набљудување каде се запознаа со принципите на набљудување на ЦИВИЛ, методологијата и безбедносните протоколи во процесот на изборниот мониторинг. Овие обуки се покажаа како добра можност да научат како да известуваат за сите облици на притисоци, повредата на гласачкото право, закани, уцени и други нерегуларности.
ЦИВИЛ останува отворен за сите дополнителни информации и прашања, оставајќи простор за сите граѓанки и граѓани да придонесат кон фер и демократски избори со пријава на сите нерегуларности што ќе ги забележат.