Categories

ИЗБОРИ Тунева: Медиумите не покажаа тенденција за анализирање на изборите

ЦИВИЛ организираше дебата на ден на гласањето во вториот круг, 5 мај, на која говорниците дадоа прелиминарна оценка за претседателските избори. За медиумското известување за време на изборите, колку тие беа професионални и етички,  дали се забележани нерегуларности во нивната работа при покривање на вестите и информациите поврзани со изборниот процес, зборуваше една од говорничките на дебатата, извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева.

„Бројот на претставки што ги добиваме за непрофесионално и неетичко однесување на медиумите е драстично помал од она што беше случај за последните парламентарни избори. Тогаш се пријавува многу случаи за информирање со еднострано користење на информации, непостоење на дистанца од политичките субјекти за кои се информира, случаи на говор на омраза, дискриминација по различни основи. Сега бројката е незначителна што ги потврдува перцепциите дека на некој начин медиумите се поставија добро во однос на овие избори“, изјави Тунева.

Иако СЕММ нема ингеренции во однос на мониторирање на социјалните мрежи, сепак, Тунева смета дека прелевањето на информациите од таму во медиумите е проблем. Во таков случај, вели Тунева, Комисијата за жалби при СЕММ утврдува дали медиумот го прекршил кодексот на однесување со самото пренесување на содржините од социјалните мрежи, особено ако има индиции за говор на омраза или лажни вести.

„Медиумите не можат да се амнестираат од одговорноста со тоа што презеле некои материјали од социјалните мрежи дека немаат никаква улоги или обврски околу самиот проблем. Она што СЕММ го прави е изрекување на морални санкции. Тоа подразбира дека во случај СЕММ да одлучи дека медиумот го прекршил кодексот за однесување, медиумот е должен да ја објави таквата одлука“, изјави Тунева.

Таа додаде ако бројката на поднесени приговори е индикатор за објективно известување за активностите на партиите и кандидатите за претседател за време на изборната кампања, тогаш може да се каже дека медиумите се обиделе да ја завршат задачата на пристојно ниво.

„Индивидуалните проценки се дека медиумите на некој начин служеа како алатка за да ги пренесат содржините, активностите, она што се случуваше на политичката сцена. Но, она што отсуствуваше е една длабинска анализа во однос на програмите и активностите, на она што се ветува, да се направи една паралела со ветувањата од претходно или како ќе се спроведува во иднина. повеќе таа работа им се препушташе на аналитичарите што беа повикувани со изјави, интервјуа, дебати, отколку што самите редакции покажаа тенденција и ангажираност околу едно подлабинско истражување“, заклучи Тунева.

Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети

Print Friendly, PDF & Email