ЦИВИЛ во соработка со Општина Кочани на 1 декември одржа мултимедијален настан „Заедно за подобра иднина“. Mултимедијалниот настан за мултикултурализам се одржа и во пресрет на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попречености, за чии права и достоинствен живот ЦИВИЛ постојано се бори и ја подига свеста на општествено и институционално ниво.
Ученици од четири основни училишта во општината учествуваа на конкурсот со избор од креативни творби, кои ќе бидат дел од изложбата. Со одлука на комисијата за оценување, беа доделени награди на најуспешните учесници, а ЦИВИЛ додели сертификати за учество на сите што беа дел од овие активности.
На настанот пред учениците и бројната публика, се обратија градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов, и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Заедно за подобра иднина“, општина Кочани, 1 декември, 2023 година фото: Горан Наумовски
„Ова е само една мала поддршка од Општина Кочани, денеска ги спојуваме хуманоста, солидарноста и уметноста. Ова нека биде повод и можност за дружба, и да ги афирмираме овие наши убави вредности“, изјави градоначалникот Папазов.
„Заедно за подобра иднина“, општина Кочани, 1 декември 2023 година фото: Горан Наумовски
Сакам да му се заблагодарам на господинот Папазов, на неговата екипа, и, се разбира, на сите што учествуваа и што се денеска овде да ја прослават различноста и почитта. Ви благодарам за сите ваши ликовни творби, и за вашиот труд. Исто така, да им се заблагодариме и на нашите донатори, министерството за надворешни работи на Големото војводство Луксембург. Вашите ликовни пораки нема да бидат само во Кочани, нема да бидат само во нашата земја, туку ќе одат во целиот свет!“, порача Џабир Дерала.
Градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на мултимедијален настан „Заедно за подобра иднина“ Кочани, 1 декември 2023 година фото: Горан Наумовски
Настанот е дел од проектот „Заедно за подобра иднина“, чија цел е промоција на мултикултурализмот и европските вредности во земјата, со посебен фокус на младите.
Проектот „Заедно за подобра иднина“ ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.