Пазарниот инспекторат викендов најави дека ќе поднесе најмалку 16 пријави, кривични или прекршочни со платни налози против угостителски објекти во Скопје, Тетово и Струмица, откако при инспекциите за време на изминатиов викенд се утврдени прекршувања на протоколите, мерките за заштита од КОВИД-19 и пречекорување на работното време.
Ваквите неодговорни постапки придонесоа Владата да усвои нови рестрикции за угостителите и музичарите предложени на состанокот со Комисијата за заразни болести:
„Не е дозволено гостување на пејачи/музички групо/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели).
Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.
Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маца на 4 лица. Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, точка 6. се брише и се заменува со „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“, а во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се додава нова точка: „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“.
Комисијата укажа, а Владата прифати на стриктно почитување на точка 3. не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси како во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, така и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите.
Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната“, се мерките кои ги усвои Владата.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и анкети и дека порастот на новозаболените случаи од КОВИД-19 се должи на непочитувањето на мерките.
Од Независната угостителска комора вчера истакнаа дека на нив не им требаат такви протоколи за работа и велат дека самите доброволно ќе ги затворат угостителските објекти на две недели.
Тие велат дека поради десетина неодговорни угостители и усогстителски објекти, сега се казнуваат 6500 угостители со 35000 вработени.
Асоцијацијата на ноќните клубови и кафичи најави протест утре пред Владата. Оттаму велат дека ќе протестираат за добивање на финансиска поддршка, дискриминацијата кон нив и правото на работа.
А. П.