Фокусот на годинешниот Бледски стратешки форум (БСФ), што ќе се одржи денеска и утре (29 и 30 август) под наслов „Владеење на моќта или моќта на правилата“, ќе бидат дискусиите за последиците од руската агресија врз Украина и криза на мултилатерализмот. Паралелно со главниот настан, од 26 до денеска во Љубљана и Блед се одржува и Младински Бледски стратешки форум (Young BSF).
Учесниците на 17. Бледски стратешки форум ќе бараат одговори на прашања за иднината на мултилатералниот поредок и неговата улога во рамките на Европската унија. Глобалните кризи (климатски, економски, прехранбени, енергетски) и појавата на нови кризни жаришта, но пред сè, руската агресија врз Украина и промените во меѓународниот поредок, покажаа дека меѓународниот систем кој беше формиран околу ОН по крајот на Втората светска војна, мора да се промени. Со промените на оските исток-запад и север-југ се наметна прашање за реконфигурирање на веќе воспоставената структура. Улогата на ЕУ, особено во светлината на украинската криза, е да го зајакне својот глас на меѓународната сцена и да ја зајакне сопствената способност да се справи со сегашните и идните предизвици, како што е кризата со храна и безбедноста.
Словенечката министерка за надворешни работи и домаќин на годинешниот Бледски форум, Тања Фајон, објавувајќи го насловот и темата на дискусиите на собирот, изјави дека „добрата вест е оти местото за справување со овие тешки прашања – сигурна сум – ќе не инспирира и ќе ни обезбеди храброст и мотивација“.
Европа, а со неа и светот, денес се наоѓаат на крстосница. Патот по кој ќе одиме ќе нè обележи нас и сите идни генерации. Во овој контекст, БСФ ќе понуди платформа за искрена размена на ставови и барање одговори на сегашните и идните прашања, истакна генералниот секретар на БСФ, Питер Грк.
Главна тема на првиот ден од Бледскиот стратешки форум ќе биде дискусија со лидерите на европските земји, високи претставници на Европската унија и министрите за надворешни работи на европските земји за предизвиците со кои се соочува Европската унија и регионот.
На вториот ден од Форумот, дискусиите ќе се фокусираат на ситуацијата во европското соседство, помошта и обновата на Украина, како и последиците од руската агресија врз безбедноста на храната и енергијата во Европа и проширувањето на ЕУ. За време на разговорите ќе стане збор и за иднината на глобалната економија, соработката во борбата против климатските промени, предизвиците на европската безбедносна архитектура, дигитализацијата и кибер безбедноста. Туристичкиот панел на годинешниот БСФ ќе биде посветен на дискусии за одговорот на пречките во туризмот и економијата, кои се резултат на светската криза.
Младинскиот Бледски стратешки форум, пак, се фокусира првенствено на иднината на демократијата, исто така во светлината на руската агресија врз Украина, а младите ќе имаат можност да ги претстават своите идеи и заклучоци на Бледскиот стратешки форум.
Бледскиот стратешки форум е водечка конференција во Централна и Југоисточна Европа, која седумнаесетта година е инклузивна платформа каде што разновидна структура на луѓе од областите на дипломатијата, политиката, економијата, приватниот и јавниот сектор и академската заедница заедно разговараат за клучните предизвици во 21. век. Целта на БСФ е да ги поттикне учесниците да дискутираат и разменуваат мислења и да најдат иновативни решенија за регионалните и глобалните предизвици.
Сè поголем број словенечки и меѓународни деловни луѓе го препознаваат БСФ како можност за нова соработка, вмрежување и создавање нови партнерства.
Повеќе информации за учеството на македонските претставници на Бледскиот стратешки форум можете да прочитате на следниот линк.
М.Д.