Кијив и меѓународната заедница остро ги осудија новите руски напади врз украинскиот цивилен енергетски сектор, кои, според украинските власти, го загрозуваат безбедното работење на нуклеарните централи во земјата.
Украинското Министерство за надворешни работи на 31 октомври соопшти дека „намерните напади врз енергетските постројки кои се клучни за нуклеарната безбедност претставуваат нуклеарен тероризам и сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“, пренесе РСЕ.
Изјавата се повикува на извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која потврди дека неодамнешните напади довеле до оштетување на трафостаници критични за снабдување со електрична енергија на нуклеарните постројки во Јужна Украина и Хмелницки. Поради тоа, централата во Ривно била приморана да ја намали моќноста на два од своите четири реактори.
Особено внимание е насочено кон нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, која се наоѓа под руска контрола од почетокот на инвазијата во 2022 година. Централата не произведува електрична енергија повеќе од три години, но и понатаму има потреба од струја за ладење и безбедносни системи.
МААЕ соопшти дека обновата на оштетените далноводи е клучна за стабилизирање на ситуацијата. Запорожје моментално се потпира на дизел генератори за итни случаи.
Групата седум (Г7) во заедничка изјава ја осуди војната на Русија против Украина и нејзиното влијание врз енергетската безбедност, нагласувајќи ја „непоколебливата поддршка за украинскиот суверенитет и независност“.
Министрите за енергија на Г7 предупредија дека руските напади врз украинската инфраструктура за природен гас создаваат ризици за цивилите и ја поткопуваат енергетската стабилност на земјата.
Русија, пак, и натаму негира дека таргетира цивилна инфраструктура, иако постојат бројни докази за спротивното, пишува РСЕ.












