Руската страна продолжува на секој можен начин да ја саботира работата на Црноморскиот коридор за жито, доведувајќи ја во прашање целисходноста на неговото натамошно функционирање. Министерството за надворешни работи на Украина повеќе пати предупредуваше за ова, вклучително во соопштението од 24 октомври.
Известувањето на руското Министерство за одбрана за суспензијата на учеството на Русија во договорот за жито ја сметаме за олицетворение на курсот на Москва за дестабилизирање на глобалната безбедност на храната под измислен изговор за неодамнешните настани во Севастопол, наведува украинското МНР.
Претходно денеска, Министерството за одбрана во Москва соопшти дека „нападите врз бродови на Крим во текот на минатата ноќ предизвикале прекин на учеството на Русија во договорот за извоз на жито“. Договорот со посредство на ОН беше потпишан во јули и дозволи извоз на украинско жито од блокираните пристаништа.
Имајќи го предвид терористичкиот акт на режимот во Киев со учество на британски експерти против бродови на Црноморската флота и цивилни бродови вклучени во гарантирањето на безбедноста на коридорот за жито, руската страна го суспендира учеството во спроведувањето на договорот за извоз на земјоделски производи од украинските пристаништа, се вели во соопштението на руското Министерство.
Сега е исклучително важно ОН и Турција, како гаранти на договорот за жито, како и земјите кои зависат од извозот на украински житни култури, да испратат јасен сигнал до Русија за недозволивоста да се држат стотици милиони луѓе во светот, особено во Африка, Азија и Латинска Америка, како заложници на игрите со глад на Кремљ.