ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“ на 9 февруари 2022 со почеток во 13 часот, како дел од серијата настани „Во фокусот на ЦИВИЛ“.
На панелот учествуваат Амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук, раководителката на проектот „Дезинформациите и информациската дисторзија во Северна Македонија“, Росана Алексоска од граѓанската асоцијација МОСТ, деканка на правниот факултет на универзитетот „Визион“ – Гостивар и прва жена докторантка на Воената академија, Весна Попоска, како и новинарите и аналитичари Александар Николиќ Писарев и Љубомир Костовски. Модератор на панел дискусијата ќе биде Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦивилМедиа.
„Руско-украинската криза започна кон крајот на 2013 година и кулминира со воената агресија и анектирањето на полуостровот Крим и воено-политичката и пропагандна поддршка на проруските паравоени формации во источните делови на Украина.
Во моментов, 7,2% од украинската територија е под окупација, на границите со Украина се распоредени повеќе од 100,000 руски војници и тешко вооружување, а во тек се големи дипломатски напори да се одврати Русија од целосна инвазија на Украина, вели Дерала во воведот во панелот.
Оваа криза има силно влијание на целиот свет, а последици веќе се чувствуваат во Северна Македонија, како и во земјите на Западен Балкан. Пред сè, земјите на Западен Балкан се ранливи од повеќе аспекти, особено затоа што не се под чадорот на ЕУ, кој има далеку поголема економска и политичка моќ да ги заштити своите земји членки. Дел од земјите на Западен Балкан се членки на НАТО, што е „олеснителна околност“. Но последиците во поглед на економијата, како и силниот пропаганден притисок, ги прават сите земји во регионот подложни на политичка нестабилност и кризи. Општеството и јавноста се поделени на проруски и прозападни. Можни се и посериозни економски и енергетски шокови, доколку тензиите останат.
ЦИВИЛ како организација и ЦивилМедиа како медиумска платформа на македонски, албански и англиски јазик, секојдневно објавува вести од тој регион. Голем број анализи, изјави и интервјуа беа направени со користење на релевантни извори кои пред македонската јавност ја претставуваат состојбата каква што е, лишена од пропаганда и манипулации со фактите. Изворите на ЦивилМедиа се, меѓу другите, независните медиуми и во Русија и во Украина, официјалните веб страници на руското и украинското МНР, како и извори од релевантни медиуми, експерти и државни институции во земјите на Западен Балкан, ЕУ и САД.
Н.Е. Наталија Задорожњук, Амбасадорка на Украина
Амбасадорката на Украина во РСМ, Наталија Задорожњук (фото: А. Мехмети / ЦИВИЛ)
„Почитувани дами и господа Ви благодарам за поканата да се обратам до учесниците на овој многу важен настан.
Не би било претерување ако се каже дека денеска се решава судбината на меѓународниот правен поредок. Или ќе живееме во релативно стабилен свет, со јасни правила на игра за секоја држава без исклучок, во согласност со основните правила на меѓународното право, или постојниот систем ќе биде целосно уништен.
И сега прашањето не е толку во украинско-руските односи, прашањето е многу пошироко, се однесува на сите земји, вклучувајќи ја и пријателската Северна Македонија. Или сите сме на страната на силата на правото, или победува авторитарната Русија со своето право на сила.
Што се однесува конкретно до украинско-рускиот конфликт, секогаш е тешко со соседите, но цивилизираните земји ги решаваат споровите меѓу себе на цивилизиран начин. Не можам да замислам некој сосед на Македонија во 21 век да дојде кај вас и да ви украде дел од територијата, при тоа убивајќи околу 15.000 луѓе. И тоа е само затоа што вашата земја сака сама да си ја избере сопствената иднина, својот пат на развој.
Главните причини за оваа не само хибридна, туку и вистинска војна се стремењето на Русија да ја обнови империјата, да го зачува нејзиниот авторитарен режим, со помош на Украина, Белорусија, Молдавија и Грузија да се оддели од Западниот свет. Русија сака да ги гледа нашите земји, а особено Украина, како контролирана пречка за ширење во Русија на западните вредности, слобода и демократија, кои му се закануваат на авторитарниот режим на Путин. Силната, просперитетната, демократската Украина е сериозна закана за Путинскиот режим.
Покрај тоа, Русија настојува на сметка на Украина да ја подобри својата демографска рамнотежа (словенското население изумира и емигрира, бројот на други народи значително расте), како и да си ги припише себеси економскиот и научно-техничкиот потенцијал на Украина.
Ние, иако со големи тешкотии и загуби на човечки животи, излеговме од тој тоталитарен систем. За жал, подоцна од Балтичките земји, Полска, Словачка, Чешка, Унгарија.
На нашиот пат има сериозни потешкотии, мораме паралелно да се развиваме, да спроведуваме реформи и да војуваме во исто време. Многу е тешко. Но, ние сме подготвени. За нас слободата не е празен звук. Тоа го докажувавме во текот на целата наша историја. Бевме угнетувани од Руската империја, уништувани со глад од сталинистичкиот систем (знаете дека поради вештачкиот глад во Украина во 32-33 година на најплодните почви на светот загинаа околу 10 милиони невини луѓе).
Еднаш им кажав на моите пријатели амбасадори на Полска, Унгарија и Чешка дека треба да бидат среќни што Украина се наоѓа меѓу нив и Русија. Ако треба, ние сите ќе се обединиме, и оние кои се за претседателот Зеленски и оние кои се за претседателот Порошенко, и оние кои зборуваат на украински и оние кои зборуваат на руски. Сега сме многу посилни отколку што бевме во 2014 година.
Имаме една од најмоќните армии во светот. Имаме силна поддршка од земјите од западната цивилизација, кои ја разбраа суштината на рускиот режим и руската политика. Денес Русите доаѓаат по Украина, а утре по Полска, Романија, Балтичките земји, земјите од Балканскиот регион.
Заедно со нашите сојузници формулиравме три насоки за одвраќање на Русија – дипломатско-политичка, економско-санкциона и воено-техничка. Политичката е солидарност со Украина, економската е зајакнувањето на политиката на санкции што ја прави Русија многу послаба, а третата е воената помош, обезбедувањето на одбранбено оружје.
Во оваа насока, исто така, очекуваме јасна и недвосмислена политичка поддршка од пријателската Северна Македонија. Очекуваме приклучување кон санкциите на Европската Унија (не може да се седи на две столчиња, има моменти во животот кога треба сам да одлучиш, пред се на која страна од барикадата си. Украинците имаат многу убедливо негативно искуство со неутралноста). Ако одиме во ЕУ и НАТО, ако сме дел од европските вредности, тогаш тоа го демонстрираме не само со зборови, туку и со нашите постапки и дела.
И уште еден момент на кој би сакала да се задржам. Кремљ и неговите поддржувачи во други земји (некои од нив платени, некои од нив ослепени од руската пропаганда) користат хибридно оружје – информациски, сајбер напади, лажна руска пропаганда. Ова е главно насочено, се разбира, кон Украина. Но, Кремљ го користи насекаде. И Северна Македонија не е исклучок. Неколку примери, пред Амбасадата беше организиран пикет, иако многу луѓе не можеа да соберат, дојдоа 10-тина луѓе со некои неразбирливи пароли, се извикуваа некои имиња. На луѓето на лист им беше напишано што да кажат, а тие не можеа ни да го изговорат правилно. Јас после тоа со отворено писмо го поканив организаторот на оваа таканаречена акција да дојде во Амбасадата и отворено да ги искаже неговите ставови. Сè уште чекам…
Или, на пример, сега има толку многу експерти во македонскиот информативен простор, толку многу аналитичари за украинско-руските односи кои не ги проверуваат фактите, само земаат од извори на руски јазик, искажувајќи пораки на руска пропаганда. Русија е „бела и мека“, а Западот, Украина се виновни за се, ја навредија кутрата, беспомошна Русија. Сè е превртено наопаку. Како конкретен пример од излагањето, исто така јасно е од кој, се појави хистерија во информативниот простор – нема да дозволиме Македонците да ги штитат Украинците. Но, ние не ни баравме такво нешто. Никогаш до ниту една земја не сме се обратиле со молба да ни дадат војници. Повторувам, имаме моќна армија, пред се, се потпираме на себе. Од нашите партнери очекуваме политичка, економска и воено-техничка поддршка.
Во овој контекст, би сакала да им се заблагодарам на Цивил, Цивилмедиа за коректното и објективно прикажување на материјалите, сериозната анализа со конкретни факти и аргументи. Вие вршите исклучително важна работа во отпорот на дрската, бучна пропаганда. Ова ги разликува професионалните медиуми од пристрасно-платените медиуми.
Ќе завршам со тоа од што почнав. Или сите ние демократски цивилизирани земји ќе се обединиме врз основа на демократијата, државниот суверенитет, правото на секоја земја да си го избере својот пат на развој, ќе дадеме силен отпор на обидите светот да се подели на зони на влијание или ќе изгубиме во оваа, како јас би ја нарекла, цивилизациска војна.
Но, сигурна сум дека заедно ќе победиме.“, вели Амбасадорката Задорожњук во својот говор.
Александар Николиќ Писарев, аналитичар
Луѓето деновиве ме прашуваат – кога ќе заврши оваа криза? Не можеме да очекуваме веднаш да се заврши, со средбата на Макрон и Путин, ова ќе трае, сега ќе има билдање мускули, кој повеќе ќе се испазари. Ако го следевте отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг, имаше една изјава за време на средбата за потпишување на декларацијата помеѓу Путин и Си, имаше една проста проширена реченица, во која се вели дека двете држави ќе се борат за зачувување на политичките и воени придобивки од Втората светска војна. Доколку путин со оваа реченица мислел, а сметам дека мислел, на зачувување на поделбите, односно на земјите коишто некогаш и припаѓале на руската сфера, тогаш тоа е многу сериозно и опасно, вели Писарев.
Ние сега имаме информации кои доаѓаат од западната алијанса, и од западните партнери, дека Москва одговорила писмено, но дека Кремљ упорно го демантира тоа. Ако кажат дека испратиле, сепак ќе се судри со одредени продемократски структури во самата Русија, коишто ќе ќе прашаат: Шефе, што пишуваше во тоа писмо, дај да видиме, ова сепак не е феудален систем… Првите кои би поставиле такво прашање, се и руските олигарси, кои во оваа цела ситуација се на ивица на ножот, дали ќе изгубат дел од своето богатство, или ќе успеат да го сочуваат.
Руското влијание во Македонија е отсекогаш присутно и силно, тоа го имавме и во серијата парламентарни избори итн., особено на референдумот во 2018 година. Меѓутоа, според она што се пишува, ме загрижува еден друг факт. Ние имавме ден на заштита на интернет, од лажните вести и пропагандата. Тука е многу битно да, а ЦИВИЛ тоа го прави многу успешно и силно, но треба да се направи една многу посилна коалиција против лажните вести и пропагандата.
Весна Попоска, деканка на Правниот факултет на универзитетот „Визион“ – Гостивар
„Сметам дека конфликтот ќе се третира како конфликт со низок интензитет. Нема да го премине оној праг на општа војна. Ова се должи на многу контексти, но пред се на доктрината на Валери Герасимов, која е актуелна особено во последните десетина години, каде што како главен метод на руската доктрина, се јавува војување кое не е толку видливо. Она што сега се нарекува хибриден или сајбер напад, борба со информации, или сите оние нетипични воени дејствија.
Глобалната промена во светот, по падот на Студената војна, генерално го промени начинот на војување, и се зборува дека сега сме во онаа петта генерација, каде што веќе не сме закопани во ровови, туку војуваме на многу начини, и целата планета е практично воено поле за различни основи. За жал, либералните вредности се жртва на сопствените идеали, и за жал, она што ни беше најголемата предност, цивилизација и идеали, демократијата и начинот на кој тие се ползуваат, во моментов се злоупотребени, од различни актери, не само од Русија, туку и од други држави и други концепти, дури и на национално ниво…, вели меѓу другото Попоска.
Љубомир Костовски, аналитичар
Прво би сакал да зборувам за мировниот договор „Минск 2“, кој беше предмет на посетата на францускиот претседател на Москва и Киев. Ова е суштински договор, бидејќи од него се базира дали ќе има мир или војна сега за сега, бидејќи, еве, и Макрон инсистира на негово спроведување, што значи дека на извесен начин, западната поддршка се повеќе сака да се „фати“ за некој документ, а да не заборавиме, Франција е ко-потписник на тој документ, што значи дека е еден вид на гарант, што не предизвика воодушевување во Киев. Го разбирам нивното чувство и реакција, бидејќи дој договор, како и “Минск 1“, е потпишан во многу неповолни околности за Украина, кога таа беше војнички инфериорна, во 2014 година кога ги изгуби и Крим и голем дел од Донбас, од сепаратистички сили, со огромна помош од Русија.
Има работи кои се предвидени во договорот, не се многу поволни, особено онака како Русија го сфаќа тој договор, на пример – да се формира народна милиција, на подрачјето на Донбас, и таа да биде единстевната вооружена формација која би ја сочинувало главно локалното население, а знаеме, и од југословенските војни, како тие паравоени формации… Треба да се формира независно правосудство и независно обвинителство, што практично значи еден голем чекор на сепарација на таа територија, вели меѓу другото Костовски.
Росана Алексоска – МОСТ
Проектот „Борба против лажни вести и наративи“ којшто функционира од 2018 година, но лично сум посветена на истражувања на ваквите информациски истражувања од 2016 година, и како примарен интерес ни се дезинформативните наративи. Кога зборуваме за дезинформативните наративи, треба да бидеме свесни и да се обидеме да ја видиме големата слика. Не секоја дезинформација, а како поединечна информација може да има влијание, Меѓутоа, ако ги погледнеме како хронолошка целина, во одреден временски период, во одреден контекст, за одредена тема, тогаш нештата ни стануваат многу појасни и можеме појасно да видиме која е всушност целта, и за што станува збор.
Од она што досега го имаме забележано, не само во студијата, туку и од други анализи кои се објавени на нашиот сајт, генерално, можам да кажам дека најголем дел од дезинформативните наративи, коишто се насочени против западот, против САД, ЕУ или НАТО, во исто време, директно или индиректно значат и промоција или глорификација на Русија. Најчесто се употребуваат, но и се злоупотребуваат низа фактори, како што е наследството од комунизмот или социјализмот, словенското потекло и религија, и отвореноста на демократските општества.
Во општествата каде што живее православно население, Русија, по правило, ги промовира наративите за словенскиот идентитет и православието, преку различни типови на медиуми, академија, интелектуалци и разни организации, црквата, културата, одредени политичари и политички партии. Во нашиот случај, на Балканот, па и во делот на централна Европа, Русија ги насочува граѓаните кон концептот на споделени вредности на славјанските и православните браќа, и на овој начин, како да го монополизира овој концепт, и нормално, овој наратив е засилен со наративот дека ние како народи немаме ништо заеничко со западниот свет, што апсолутно не е точно. Ова придонесува кон погрешни перцепции кон нашите западни сојузници, меѓутоа, во нашето мултиетничко општество и држава, внесува раздор и поделби, посочува Алексоска.