Украина внимателно ги следи намерите на Руската Федерација да ги спроведе таканаречените „референдуми“ на привремено окупираните територии на Украина. Ваквите лажни гласања нема да имаат никакви правни последици. Тие нема да ја променат административно-територијалната структура и меѓународно признатите граници на Украина, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.
Според Министерството, Украина и меѓународната заедница не ги признаваат овие референдуми, сметајќи ги за нелегитимни и без правни последици.
Намерата за одржување псевдореферендуми и присилната пасошизација на жителите на привремено окупираните украински територии ја сметаме за уште еден обид на Русија да ги легитимира последиците од нејзината агресивна војна против Украина, се додава во соопштението.
Без разлика колку нелегитимни гласања планира Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина, Министерството тврди дека ќе има само еден резултат: сите украински региони ќе бидат ослободени од руската окупација, а руското раководство ќе биде изведено пред лицето на правдата за организиран терор, воени злосторства и злосторства против човештвото извршени на украинска територија.
Лицата вклучени во организацијата и одржувањето на псевдореферендуми ќе бидат предмет на кривична постапка, а надлежните органи на Украина ќе преземат мерки за нивно пронаоѓање и изведување пред лицето на правдата, се нагласува во соопштението на украинското МНР, повикувајќи ги меѓународните партнери силно да ја осудат намерата на Москва да одржи незаконско гласање на привремено окупираните територии на Украина, да воведат нови санкции против Русија и да ја прогласат како држава спонзор на тероризмот.