Повеќе од 660.000 луѓе ја напуштија Украина откако Русија ја почна инвазијата на таа земја, соопшти Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
– Сега имаме над 660.000 бегалци кои избегаа од Украина во соседните земји само во последните шест дена, рече портпаролката на УНХЦР Шабија Манто.
Според ОН, најмногу бегалци има во Полска, а потоа следат Унгарија, Молдавија, Романија и Словачка.
Ситуацијата со бегалците во наредниот период се очекува да ескалира.
Руските сепаратисти ги повикаа граѓаните да го напуштат Мариупол во југоисточна Украина. Луѓето до среда ќе треба да си заминат преку двата „хуманитарни коридори“ кои за таа цел ќе ги постават сепаратистите, појасни денеска портпаролот на бунтовниците во регионот на Донецк, Едуард Басурин, јави ДПА.
– Ние ја гарантираме безбедноста на движењето по деловите на автопатот А58 во правец и на регионот Запорожје и на територијата на Руската Федерација, истакна Басурин, додавајќи дека руски војници ќе помогнат во тоа
Д.М.