Во последните три дена од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки, соопштуваат од Државниот завод за статистика.
Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен.
Државниот завод за статистика со сиот расположлив потенцијал работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за Попис.
Заклучно до вчера во земјава се попишани вкупно 1.619.857 лица, 503.491 домаќинство и 711.695 станови.
Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 198.589 граѓани од дијаспората.
Денеска е 24-тиот ден од Пописот 2021 и до крајот остануваат уште два дена пописни активности.
Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика. Локациите за попишување се достапни на линкот на ДЗС: https://popis2021.stat.gov.mk/Upatstva/SpisokNaKPRzaPopisuvanje.pdf
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември