Уставниот суд ја враќа на дневен ред аболицијата од Ѓорге Иванов. По речиси една година највисокиот суд повторно го актуелизира спорниот член 11-а. Ќе се одлучува дали тогашниот претседател Иванов имал основ да ја поништи одлуката за аболицирање на 56 луѓе во 2016-та.
Седницата на која ќе се дискутира за аболицијата е закажана за петок. Тајмингот на одлучување во Уставен се поклопува со судските постапки кои поранешните функционери обвинети од СЈО ги водат во Стразбур и ја тужат државата, со барање аболицијата да биде прифатена.
Претседателот на Уставен, Сали Мурати во телефонски разговор за ТВ24 потврдува дека за ова ќе се дискутира на 6. ноември. Одлучувањето, според него, нема никаква поврзаност со судските постапки во Стразбур.
„Уставниот суд имаше поведено постапка и по истекувањето на мандатот на колегата Владимир Стојановски, предметот го работеше друг судија. Ова е предлог за одлучување и по одморите го ставивме на дневен ред. Не може да се поврзе со одлучувањето во Стразбур, Уставниот суд тековно ги води предметите и одлучува самостојно. Одлуката да се дискутира по членот 11-а лани ја поддржаа шестмина судии, наспроти тројца кои беа против. И тогаш и сега постои можност за активирање на аболицијата, доколку се поништи овој член. Поради ова судиите беа критикувани во јавноста, но и од актуелниот претседател Пендаровски кој им порача да се разбудат и дека Никола Груевски не е господар на нивните животи“ рече Мурати.
Во меѓувреме се сменија неколку околности. Собранието одлучи да не го толкува членот 11 и ставот на Законодавно-правната комисија беше дека „Собранието не може да толкува норма што не постои“. Ова е нов, но клучен аргумент кој во раце го има новиот известител на предметот, судијата Дарко Костадиновски.
Членот 11-а беше наменски изгласан во 2016-та за да може Иванов во рок од еден месец да ја повлече аболицијата. Додека осуммина уставни судии се токмат да стават крај на прашањето со аболицијата кое ја тресе правдата во Македонија, Министерството за правда пишува одговори на тужбите поднесени во Стразбур.
Министерот Бојан Маричиќ исклучи можност државата да се спогоди со поранешните функционери, бидејќи спогодувањето и со еден обвинет, ќе значи прифаќање на аболицијата од 2016-та година. Миле Јанакиески , Гордана Јанкуловска, Никола Груевски, Сашо Мијалков се на листата тужители во судот за човекови права во Стразбур.
Уставниот суд има на располагање три можности, да го поништи спорниот 11-а со што автоматски се активира аболицијата, да го укине, но и да донесе одлука за запирање на постапката.
извор: ТВ24