Министрите за телекомуникации на земјите членки на ЕУ денеска усвоија План за справување со сајбер кризи, кој дава насоки за реакции на големи инциденти поврзани со сајбер безбедноста.
– Планот на ЕУ за справување со кибер кризи појаснува како земјите членки можат да детектираат, да одговорат, да се опорават и да учат од големи инциденти во кибер безбедноста, што би можеле да влијаат врз целата Европска Унија, изјави полскиот вицепремиер и министер за дигитална технологија Кшиштоф Гавковски, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Според него, со усвоениот План се прави решавачки чекор напред во зајакнувањето на отпорноста на кибер безбедноста на Европа.
– Планот на ЕУ ја покажува нашата јасна посветеност кон побезбедна, поотпорна и подобро подготвена Европа, што е важен приоритет на Полското претседателство, додаде Гавковски.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Планот се оценува како важен водич за земјите членки во подобрување на нивната подготвеност и способност за откривање и одговор на кибер безбедносните инциденти.
– Планот има за цел да се справи со се посложениот пејзаж на кибер закани преку зајакнување на постојните мрежи на ЕУ, поттикнување на соработката меѓу земјите членки и вклучените актери и преку надминување на пречките што може да постојат, посочи Советот на ЕУ.
Кибер планот дава објаснување кога треба да се активира кризната рамка и кои се улогите на релевантните мрежи на ниво на Унијата, нејзините актери и механизми и укажува на важноста на координацијата на јавната комуникација пред, за време и по кризните инциденти.
Планот ја нагласува и важноста на цивилно-воената соработка во контекст на справувањето со кибер кризи, вклучително и со НАТО, преку подобрени механизми за споделување информации каде што е можно и кога е потребно. Тој, исто така, содржи и поглавја за закрепнување и размена на искуства од научените лекции меѓу земјите членки, пренесе МИА.