Советот на јавни обвинители на седницата закажана за утре ќе ги разгледува пријавите на кандидатите за државен јавен обвинител.
Во трката за нов јавен обвинител влегоа 23 кандидати, па претседателот на Советот не ја исклучува можноста седницата да трае повеќе од еден ден.
Советот на јавни обвинители, треба во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата да доставуви образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што го објави Собранието.
Законот предвидува откако Советот ќе го даде своето мислење Владата да испрати до Собранието предлог за именување на јавен обвинител. Според законската процедура, ако сепак Советот во рок од 15 дена не даде мислење за предложените кандидати има рок за уште нови 15 дена во кои треба да се изјаснат членовите на Советот.
Законодавецот предвидел дека ако Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од кандидатите, Владата да му предложи на Собранието да го повтори огласот.
Познато е дека на конкурсот се пријавија адвокатите Звонко Давидовиќ, Александар Наков, Александар Тортевски, Еленко Миланов, Тони Менковски, Арбен Гоља, Кирил Смичковски, потоа, поранешниот судија Валентин Зафировски и нотарката Лорија Ваневска.
Поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски беше разрешен на барање на Владата на Заев пред околу два месеца со поддршка на 64 пратеници, а во отсуство на опозицијата.