Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) на Владата, во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19 на денешниот состанок разгледаа и разговараа за одделни предлози а со цел обезбедување и целосна грижа за колективното здравје на граѓаните.
Заземајќи одделни ставови, почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, ГККШ донесе предлози, кои како одлуки ќе бидат разгледани на утрешната Владина седница.
Членовите на Кризниот штаб разговараа за актуелната состојба со здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, при што министерот за здравство Венко Филипче ги информираше за состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар, додавајќи дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје.
Министерот Филипче изрази задоволство од текот на вакцинацијата кај населението во државата, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по рестриктивните мерки, кои важат од денеска.
Беше истакнато дека вакцини има доволно и се очекуваат дополнителни дози и во наредниот период.












