пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Уметниците од Охридско лето испратија силни пораки за заштита на Охрид, на животните и на животната средина. Громогласно ечат зборовите не само на Ванеса Меј и Ацо Поповски, туку и на десетици други во јавноста.
Освен вообичаената злоба, простотилак, лични напади, плукања, шуќур што има и релевантна критика, гласна и суштинска, што ја прави уште поголема обврската и одговорноста за поправање на состојбите деградирани со години.
Чисто колку за паралела, пред неколку години, на Скопското кале на Пиволенд настапуваше Едо Маајка, миленик на регионалната публика и критичар на властите секаде.
Маајка го започна концертот со „Како је Скопље, јел има неких нових споменика?“. Веднаш потоа почна да му крчи разгласот и да има технички проблеми, кои не се решија и концертот на Едо Маајка прекина, по првата недовршена песна. Сите други изведувачи настапија, на истото озвучување, кое не работеше само за него и за ДЈ-от што го придружуваше.
Имајте ја оваа клучна разлика на ум, и градете сојузи за да ги поправиме заедно работите. Таквите сојузи нужно подразбираат меѓусебно почитување, слушање, уважување, дијалог со аргументи и трпение, а не плукање, навреди, „спуштања“, финтици…
Мора така, и никако поинаку. За да не дојде времето на оние што гасат разгласи, замолчуваат луѓе, медиуми, уметници, само ако не мислат како нив. Во такви околности ќе ги снема сите веројатности за било каква санација и напредок, не само на Охрид, на животната средина, туку и на целото општество воопшто.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
фотографија: Џабир Дерала