Глутница од кучиња нападна домашен миленик и маж кој го шеташе на поводник. Од вознемирувачките снимки се гледа како сопственикот на миленикот беспомошно се обидува да го спаси неговото куче од глутницата, додека тие го напаѓаат.
Градот Скопје и градското претпријатие „Лајка“ немаат стратегија за справување со уличните кучиња, јавија од општина Аеродром.
Тие, како што соопштија во нивниот Фејсбук профил, побарале од Град Скопје итно да изнајдат решение за проблемот со уличните кучиња.
„Општината Аеродром во изминатиот период одвојува значителни средства од сопствениот буџет кои се префрлаат во буџетот на Градот Скопје, со цел ефикасно справување со овој проблем. Во неколку наврати, од наша страна е побарано градската администрација да преземе мерки за решавање на овој проблем. За жал, секојдневните коментари, фотографии и снимки од теренот покажуваат дека тие не успеваат да најдат решение за овој проблем кој е целосно во нивна надлежност„
Доколку актуелното раководство на Град Скопје во следниот период не успее да изнајде решение, Општина Аеродром најави дека ќе ја преиспита одлуката со која се одвојуваат средства за оваа намена.
Според билтенот на МВР во текот на вчерашниот ден (18.02.2023) биле пријавени три каснувања од куче. Во 14.40 часот во Полициската станица Аеродром, Ш.П.(69) од Скопје пријавил дека на ул.„Васко Карангелевски” бил каснат од куче скитник.
Грижата за бездомните кучиња во Скопје е должност на јавното претпријатие „Лајка“. Според информациите од жителите на Аеродром, овие кучиња немале жолти обетки, кои треба да означуваат дека се кастрирани.
Н. А.