Новинската агенција БелТА на својот Јутјуб канал објави видео како украинската и руската делегација седнале на преговарачка маса, пренесува Укринформ.
Во украинската делегација се Дејвид Арахамиа, шеф на фракцијата „Слуга на народот“, Олексиј Резников, министер за одбрана на Украина, Михаило Подолијак, советник на шефот на кабинетот на претседателот, Андриј Костин, прв заменик-шеф на украинската делегација во трилатералната Контакт група, пратеникот Рустем Умеров и заменик-министерот за надворешни работи, Микола Точицки.
Кабинетот на претседателот соопшти дека клучното прашање на разговорите ќе биде итен прекин на огнот и повлекување на војниците од Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 27 февруари објави дека имал повик со Александар Лукашенко. По разговорот беше договорено украинската делегација да се сретне со руската делегација без никакви предуслови на украинско-белоруската граница кај реката Припијат.
Лукашенко ја презеде одговорноста за тоа дека „сите авиони, хеликоптери и проектили стационирани на белоруска територија остануваат на теренот за време на патувањето, разговорите и враќањето на украинската делегација“.