Настанот „Срамота! Вечер на раскажување квир приказни“ како дел од одбележувањето на „Викендот на гордоста“ во Скопје, ќе се одржи на 14 јуни (среда), со почеток од 20 часот во „Јавна соба“.
Како што најавуваат организаторите, шестмина раскажувачи од јавната, културна, политичка и општествена сфера ќе раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност, оттаму – „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код.
„Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и трансформира, исмејаниот станува исмејувачот – срамот се враќа назад кон оние кои занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат морална родова, сексуална и морална полиција, и да понижуваат… Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања, градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува наше задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото гушење навнатре во себе, експлодираме од смеа“.
За својот срам ќе зборуваат Сашко Коцев, Јасмина Никуљска, Ана Мартиновска, Срѓан Јаниќиевиќ, Никола Шиндре и Мирјана Најчевска.
Настанот ќе го модерираат Румена Бужаровска и Ана Василева
По раскажувачкиот дел следи журка со Илина Ангел.