Владата денеска донесе одлука да испрати финансиска помош од шест милиони денари во Хрватска по силниот земјотрес од 6,4 степени по Рихтер во Петриња. Веста на Фејсбук ја соопшти премиерот Зоран Заев.
– Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите. До премиерот Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот упатувам силна поддршка. Во име на сите граѓани на Северна Македонија изразувам сочувство за жртвите, напиша Заев на Фејсбук.
Петриња и Сисак претрпеа најмногу штети во разорниот земјотрес што денеска ја погоди Хрватска.Главнот град Загреб исто така претрпе големи штети.
Улиците на Петриња се полни со урнатини, оштетени се голем број згради, а спасувачите трагаат по преживеани, објави телевизијата Н1.
Сите расположливи противпожарни единици од Загреб се на пат кон Петриња, каде спасувачките служби и пожарникарите со голи раце ги пребаруваат урнатините. Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ потврди дека засега има информации за едно загинато дете.
Луѓето се на улица, јавуваат хрватски медиуми. Во Петриња во прекин се телефонските врски.
Во Загреб има сообраќаен колапс по силниот земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, а полицијата ги повика граѓаните да користат лични возила само во итни ситуации.