Предлогот за поместување на старосната граница за пензионирање во Северна Македонија предизвика лавина реакции во јавноста. Синдикатите се загрижени, но Владата смирува дека во овој момент не размислува да ја зголеми старосната граница за одење во пензија на 67 години од 2026 година. Во меѓувреме се прават анализи како да се обезбеди стабилен пензиски фонд. Темата стана актуелна по предлогот на Фискалниот совет за надминување на проблемите со коишто се соочува ПИОМ, но и за заштита на државниот буџет, објави Дојче веле.
Како да се обезбеди стабилен пензиски систем?
Владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Владата размислува како да ја пополни дупката во Фондот за пензиско осигурување. Таа не прецизираше дали се разгледува и другата мерка, предложена од Фискалниот совет, за постепено зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
„Во овој момент она што направивме е усогласувањето на пензиите од 5.000 денари. Имаме активна методологија и закон по којшто се работи. Гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за предлогот на Фискалниот совет“, вели Митева.
Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, предлага зголемување на старосната граница за пензија на 67 години како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Овој предлог, којшто е доставен до Собранието на Северна Македонија, предвидува измената да стапи на сила во 2026 година и важи за мажите и жените. Во документот е наведено дека се предлага намалување на дефицитот во ПИОМ, преку зголемување на границата за пензионирање на мажите и жените на 67 години, како и зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година да се зголеми на 21%.
Целиот прилог на Дојче Веле може да го прочитатена следниов линк.
фото: архива