Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски од денеска учествува на Самитот на НАТО во Вашингтон со кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата. Предвидени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на Самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, пренесе МИА.
САД, пак, нагласија дека не сакаат внесување билатерални спорови во НАТО. Директорот за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд неодамна во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски истакна дека САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата.
Според најавите, главни теми на Самитот на НАТО ќе бидат поддршката за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зајакнување на глобалните партнерства, но со примарна цел за манифестирање на единство меѓу сојузниците.
Од Владата нема официјална потврда, а од ВМРО-ДПМНЕ во неделата изјавија дека нема информации за евентуална билатерална средба, меѓутоа дека ваквите меѓународни самити се места каде се применува современата дипломатија.
– Засега нема информации за евентуална билатерална средба со Мицотакис, меѓутоа меѓународните собири, самити, се места каде што се применува, односно спроведува современата дипломатија. Неопходноста за нов пристап во заштитата на интересите на своите граѓани, преговарањето, а особено унапредувањето на односите на сите подрачја и сопственото меѓународно промовирање во целост го одредува пристапот на Владата кон дипломатијата, базирана на взаемна почит и насочена кон градење на пријателски мостови и искрено взаемно почитување и добрососедски односи, изјави во неделата Миле Лефков, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис вчера изјави дека не е планирана средба, но дека не е исклучено на маргините на Самитот, да има билатерални средби.
– Не е планирана средба, но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на Самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби. Но, нешто планирано, не постои, рече Маринакис на прашањето на МИА за евентуалната средба Мицотакис – Мицкоски.
Портпаролот на грчката Влада на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека Мицотакис на НАТО Самитот „ќе го покрене на највисоко ниво“ почитувањето на Договорот од Преспа.
– Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Кирјакос Мицотакис ќе го покрене, рече Маринакис.
Според официјалните програми на двајцата премиери, освен на Самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, двајцата ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Бајден.
Мицкоски пред заминувањето за Вашингтон изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и добри соседи.
– Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и дека ќе разговараме како партнери и како добри соседи, доколку дојде до таков разговор. Ако не дојде, се надевам дека набргу ќе дојде, изјави Мицкоски.