Полицијата во неколку земји од Европската унија открила шифрирана апликација за пораки што ја користеле криминалните банди, соопшти вечерва холандската полиција, додавајќи дека се уапсени 42 лица и дека биле откриени лаборатории за производство на дрога, лекови, пари и оружје, пренесува МИА.
Рации биле спроведени во Белгија, Германија и Холандија по повеќе од две години истрага, што почнала во септември 2020 година и доведе до исклучување на тајниот систем за пораки Exlu Messenger.
Холандската полиција соопшти дека истражителите пристапиле до податоците на оние шифрирани пораки што ги користеле криминалците и на тој начин можеле да ги читаат нивните пораки во изминатите неколку месеци.
Во таа истрага учествуваа полиции од Франција, Италија и Шведска, како и Европската полициска служба (Европол) и Европската агенција за судска соработка.
Полицајците пронајдоа две лаборатории за дрога, фабрика за преработка на кокаин, како и неколку килограми дрога, четири милиони евра готовина, луксузни предмети и оружје.
Апликацијата Exlu Messenger ја користеле околу 3.000 луѓе, од кои околу 750 зборувале холандски. Таа апликација била инсталирана на паметни телефони и чинела 800 евра за шест месеци.