Разговорите за формирање на новата влада се уште траат. Се најавува дека наскоро би можело да биде објавено дека е постигнат конечен договор за влада. Медиумите веќе објавуваат неофицијални информации за поделбата на ресорите и за можниот нов претседател на Собрнаието. За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав, каде најмногу пратеници ќе има коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ ќе има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ ќе има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, а Левица и ЗНАМ по шест пратеници.
Амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија, Дејвид Гир од Тетово вчера порача дека демократските и мирни избори ќе резултираат со нова Влада, а тие како ЕУ сакаат да соработуваат со сите политички партии кои ќе ги одржуваат и унапредуваат евро-интегративните процеси на државата. Тој рече дека нема да ги коментира преговорите што се одвиваат за состав на нова Влада.
– Очигледно имаше демократски и мирни избори кои ќе резултираат со формирање на нова Влада. Ние во Европската Унија, се разбира, ќе сакаме да работиме со сите оние кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ и интеграцијата во ЕУ, спроведување на реформите и сите неопходни чекори кои би ја довеле земјата што е можно поскоро во ЕУ, истакна Дејвид Гир.
На новинарско прашањето дали тие разговараат со партиите и дали ќе се заложат за интеграција на земјата во ЕУ, Гир одговори дека се во комуникација со сите, но дека формирањето влада не припаѓа на ЕУ.
-Сега практично сите политички партии за време на изборната кампања поставија јасна агенда, про-ЕУ агенда и нивното верување дека ќе ја придвижат земјата напред кон Европската унија, истакна Дејвид Гир.
Конститутивната седница на Собранието е закажана за вторник, 28 мај. Со конститутивната седница до изборот на новиот претседател на Собранието, согласно новиот Деловник за работа, ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
Од собраниската прес-служба информираа дека претседателот на Собранието Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, одржал состанок со претставниците на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално било одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.
Претседателот Митрески ги информирал присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на собранискиот претседател.
На состанокот присуствувале Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. На состанокот присуствувале и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, пренесе МИА.