Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска на седница треба да утврди формат на извештаите кои независните органи и институции ги доставуваат до Собранието на Република Македонија, а кои се во надлежност на Комисијата.
По утврдувањето, усогласената форма според која институциите и независните органи ќе ги доставуваат годишните извештаи до Собранието на Република Македонија ќе ја презентираат пред нивни претставници.
Како што соопшти собраниската – прес служба, процесот на подготовка на усогласената форма на извештаите, што ќе овозможи зајакнување на надзорната улога на Собранието, но и поефикасна соработка, беше поддржан и од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со активно учество на сите институции и независни органи, што се обврзани да доставуваат годишни извештаи до Собранието, а кои се во надлежност на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
На презентацијата најавени се обраќања на претседателот на Собранието Талат Џафери, на претседателот на Комисијата Александар Кирацоски, а преглед на процесот ќе направат заменик-претседателот на Комисијата Хари Локвенец и Нинослав Васиљевиќ, раководител на Отсек за демократско владеење и социјална кохезија, Мисија на ОБСЕ во Скопје, како и претставници на независните институции.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.