„Дојди во 9:30 да се најдеме во Загреб на Колодвор сакам да ти раскажам каква идеја имам и сметам дека можеме заедно да ја развиеме и да ја направиме да биде еден од подобрите проекти на овие простори“, му пишав порака преку телефон на Златан.
„Те чекам во 9:30 на Колодвор“, веднаш ми одговори.
Загрепскиот Колодвор не е кој знае колку модерен, модерен е, но не е онаков каков што е оној во Салцбург, Линц, Виена, Париз, Прага, …
Возот за Скопје од Загреб, кој патува од Цирих до Солун треба да пристигне на перонот со број 1. Пристигнува во 11 часот. Стојам сам. До мене го гледам контрабасот кој доколку може да прозбори ќе ми каже дека е време да си одиме дома, да одмориме малку.
*Контрабасот е АКТ кој го играме како улични артисти – жива статуа во сива боја.
Возот пристигна во 10:53 од Љубљана.
„Вагонот со бр. 1 оди за Белград, другите се за Солун. Патниците кои патуваат за Белград нека се качат само во вагонот со број 1“, викаше на глас скретничарот на перонот на загрепскиот Колодвор.
Се качив во вагонот со број 1. Во него гужва. Неподносливо топло е. Луѓе буквално седеа по земја исполегнати на своите патни торби. Купеата преполни. Едвај се туркам за да стигнам до крајот на вагонот, барав некаде да најдам едно празно место низ купеата. Патував сам. Едвај се пробивам до крајот на вагонот и во претпоследното купе гледам празно место.
„Слободно?“, прашувам.
„Да, да“, ми одговара на англиски јазик една возрасна госпоѓа. Влегувам. Ги сместувам работите и седнувам.
Точно во 11 возот тргна.
Станувам. Излегувам од купето и застанувам до прозорот. Гледам како го напуштаме Загреб. По кратко се враќам во купето. Седнувам на моето место. Шесторица сме во купето. Молчиме. Молчиме речиси еден час. И во досадното возење незадолжително почнуваме да се запознаваме еден со друг бидејќи дестинацијата каде што сите одиме (Белград) и не е така близу. Секој почна да се претставува.
Жената која седеше наспроти мене, истата онаа која ми кажа дека е слободно да седнам во купето е жена на седумдесет и пет годишна возраст од Бристол, Англија, професорка по англиски јазик, инаку зборуваше совршен англиски, што и се подразбира, патува за Солун бидјеќи таму пред четириесет години се запознала со нејзиниот сопруг, Португалец, професор по француски јазик, кој сега веќе е покоен. Оди да ги посети местата на кои биле заедно.
Веднаш до неа седи млад парижанец, студент по книжевност, кој постојно читаше за време на патувањето, збирката поезија на Артур Рембо, на околу дваесет и пет годишна возраст кој со воз тргнал да оди до Кина и во септември планира да се врати во Париз.
„Фасцинантно“, рече професорката по англиски.
И јас се воодушевив од храброста на овој млад Французин. Веднаш до него седи девојче со Даунов синдром кое на вратот носи сребрен медал, а наспроти неа седи нејзиниот тренер по пливање, инаку девојка на триесет годишна возраст. Биле во Љубљана на пара – олимпијада и освоиле сребро, од Белград се.
До тренерот по пливање седи Швајцарец од Цирих на четириесет годишна возраст кој е професионален нуркач и кој патува до Солун, па потоа оди некаде на островите во Грција бидејќи правел некое истражување за некакви си школки.
Последен во купето се претставив јас. Раскажав кој сум, од каде сум и со што се занимавам, зборував за убавините на Македонија, како што и останатите зборуваа за убавините на своите земји. Зборував за македонската кујна, за природните убавини на Маврово, Охрид, Преспа, Дојран, за смоларските водопади, за Шапка, за Битола, за Кемал Ататурк и Елени Каринте, зборував за тоа дека Македонија е мултикултурна земја во која се мешаат традиции, народи и народности, се мешаат вкусовите на традициите и дека така живееме со векови. Она што се случи во 2001 година, бидејќи професорката по англиски ме потпраша и за тоа, реков дека беше само миг на слабост кој веројатно моравме да го поминеме за да сфатиме дека едни без други не можеме.
И одненадеж почнав да зборувам за проектот за кој утрото се сретнавме со Златан во 9:30 на колодворот во Загреб. Почнав да зборувам за мојот проект именуван како Воз на Љубовта.
„Кој е Златан?“, ме праша швајцарецот.
„Златан Јагањац е мој многу добар пријател, загрепчанец со кого утрово се сретнавме во Загреб и разговаравме за тоа како да го развиваме мојот проект. Инаку Златан е креативен директор на фестивалот за улична уметност во Загреб – CEST IS D BEST“.
„А каков е твојот проект?“, ме праша професорката по англиски јазик.
„Мојот проект го именував како ВОЗ НА ЉУБОВТА. Идејата ми е да спојам неколку поранешни Југословенски републики, поточно приказната да се раскажува од Скопје до Љубљана, преку Белград, Сараево и Загреб во воз кој во себе покрај тоа што ќе има обични купеа и кушет соби, ќе има и неколку вагони во кои ќе се случува кабаре, кино проекции, театарски сцени, акустични концерти и во тој воз ќе се случува фестивал на улична уметност кој ќе ги спои преку железничката линија главните градови на сега веќе поранешната наша заедничка држава. Фестивалот да почне од Скопје, поточно од мојот фестивал, јас исто така имам мој фестивал именуван како СТАТУАФЕСТ, фестивал на уличните живи статуи и останатите. Фестивалот во Скопје ќе трае три дена, потоа сите заедно се качуваме на возот и артисти и оние кои сакаат да патуваат со нас по оваа рута на љубовта. Од Скопје одиме за Белград. Возот застанува во Белград на железничка станица и таму се мести главната сцена на фестивалот, поточно возот е главната сцена. На перонот со број 1 на железничка во Белград. Во Белград се приклучувавме на веќе постоечкиот БАСКЕРФЕСТ – Белград и таму сме три дена. Потоа истиот воз патува за Сараево и таму повторно иста приказна, се спојуваме на некој од веќе постоечките фестивали за улична уметност. Три дена сме во Сараево. Потоа одиме за Загреб на CEST IS D BEST, повторно по ист модел, овој состанок со Златан Јагањац со кој се сретнав утрово во 9:30 зборувавме точно за ова. На крајот возот на љубовта стигнува во Љубљана на фестивалот Ана Дестница чиј директор е Горо Осојник и тука го правиме големиот крај.
Во меѓувреме додека возот патува од град до град во вагоните се случуваат претстави, концерти, кабареа … уметноста не престанува. Со овој проект сакам да го поканиме светот да дојде во главните градови на нашата заедничка поранешна република и да види колку љубов има уште во нас, иако душите ни се распаѓаа како домино во годиниве што не одминаа. Ние повторно се сакаме едни со други и не можеме да се замислиме едни без други. Барем повеќето од нас. Да, патриоти сме сите, што е нормално, нормално е да си ја сакаш татковината, но националисти, не, тоа веќе одамна на овие простори е излитена состојба и меѓу другото и од тие причини сакам да го создадам овој воз на љубовта, на оние кои уште веруваат во национал – шовинизмот како правец да им покажеме дека љубовта е многу повкусна кога ќе ја почувствуваш од близу токму каков што ќе биде овој воз во кој ќе се возиме и сакаме сите заедно“.
Возот стигна во Белград. Сите слеговме. Секој си го фати својот пат. Јас седнав во бифето да го чекам возот за Скопје. Одеднаш до мене седна парижанецот.
„Јас би напишал книга за твојата идеја, онаа за возот на љубовта. Ме фасцинира целата приказна. Браво!“. На ливче ми го напиша неговиот телефонски број. „Јави ми се ако успее сето ова, сакам да дојдам и да бидам дел од него и после заедно ќе пишуваме. Сега морам со воз да одам до Кина. Пријатно!“
Текстот е дел од проектот „Патриотизам ДА, национализам НЕ!“ што го спроведува ЦИВИЛ со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на ЦИВИЛ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените не е дозволено, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.