Врховната Рада, парламентот на Украина, ги поддржа нацрт-законите со кои се предлага продолжување на воената состојба и општа мобилизација во земјата за 90 дена, напиша на Телеграм Јарослав Железниак, пратеник на партијата Холос (Глас), пренесува Укринформ.
„Парламентот го поддржа (закон бр. 7664) продолжувањето на воената состојба за 90 дена, до 21 ноември 2022 година. Рада, исто така, го поддржа (закон бр. 7665) одобрувањето на уредба за продолжување на периодот на општа мобилизација“, напиша Железниак.
Според него, секој од предлог-законите добил по 328 гласа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 12 август поднесе два предлог-закони до Врховната Рада за продолжување на воената состојба од 23 август и за продолжување на општа мобилизација за 90 дена.
На 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин го објави почетокот на сеопфатната инвазија на Украина. Истиот ден во земјата беше воведена воена состојба и требаше да трае до 26 март. Потоа, таа беше продолжена за уште 30 дена, до 25 април, а потоа за дополнителни 30 дена, до 25 мај.
На 24 февруари, Зеленски потпиша и декрет за воведување општа мобилизација во земјата. Се одржува во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на уредбата.
На 22 мај, Врховната рада, на барање на претседателот Зеленски, ја продолжи воената состојба и општа мобилизација за 90 дена, до 23 август.
Подготви: Д.Мишев