Српскиот претседател Александар Вучиќ на 3 септември изјави дека го искористил присуството на воената парада во Пекинг за да види „што би било интересно да се стекне за потребите на српската армија, така што таа би била одвраќање за секој потенцијален агресор од соседството“, објави РСЕ на српски јазик.
„Приштина, Загреб и Тирана не формираа воен сојуз случајно. И не го направија тоа за Австрија, Унгарија или Словенија, туку за Србија. Го направија тоа против Србија“, изјави Вучиќ пред новинарите во Пекинг.
Тој рече дека Србија нема да допре никого, но дека ја зајакнува својата армија за да „го заштити својот територијален интегритет“.
На 18 март, Косово, Хрватска и Албанија потпишаа заедничка декларација во Тирана, која, како што е наведено, ја зајакнува соработката и ја нагласува важноста на заедничките одговори на безбедносните предизвици, хибридните закани и другите ризици што би можеле да ја загрозат регионалната стабилност.
Владата на Хрватска во тоа време го информираше Радио Слободна Европа дека декларацијата на трите држави не се стреми кон воспоставување на никаков воен сојуз.
Зборувајќи за кинеската воена парада и евентуалното стекнување оружје од таа земја, Вучиќ рече дека Србија не е заинтересирана за кинески балистички и хиперсонични ракети, туку дека Кина има врвни повеќенаменски авиони и модерни хеликоптери.
Вучиќ им изјави на новинарите во Пекинг дека имал средби со претставници на 11 компании, со кои разговарал за презентацијата и употребата на летачки автомобили во Србија.
„Компаниите се од различни области. Примената на вештачката интелигенција ќе ни значи многу во иднина“, рече Вучиќ.
Вучиќ и премиерот на Словачка се единствените европски лидери кои присуствуваа на воената парада во Пекинг по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
Гости на кинескиот лидер Си Џинпинг се рускиот претседател Владимир Путин, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и други шефови на држави и влади, вклучувајќи ги и оние од Белорусија, Иран и други земји.
Д. Т.