Фирмите во сопственост на високи функционери во власта, министри, градоначалници и/или во сопственост на членови на нивните семејства по различни основи конкурираат за добивање средства од буџетот. Тие се јавуваат на јавно објавени огласи и распишани тендери, некои од нив ги исполнуваат сите услови кои се бараат и се избираат во јавна и транспарентна постапка.


Во што е тогаш проблемот?
Зар треба да бидат казнети заради тоа што се бизнисмени? Зар треба да трпат нивните бизниси? Па зар не сме сите еднакви пред законот? Па и тие се луѓе со еднакви права како и сите други.
Спинот за еднаквоста многу брзо и многу лесно се шири од страна на секоја гарнитура која е на власт. Секоја власт со огромна леснотија ги доведува во заблуда граѓаните дека е се според закон и право и дека ако веќе зборуваме за постоење на проблем, тој е само од етички и морален карактер.
СЕКОГАШ кога фирмите во сопственост на високи функционери во власта, министри, градоначалници и/или во сопственост на членови на нивните семејства добиваат средства од буџетот постои конфликт на интересите.
Да се разбереме, тие фирми не треба да бидат затворени додека нивниот сопственик е на функција, не треба да престанат да работат, ниту пак да бидат третирани полошо од другите во нивните односи со други приватни претпријатија. Едноставно, тие фирми не смеат да добиваат државни пари.
Зошто?
Токму заради нееднаквоста. Граѓаните и функционерите не се еднакви во процесот на распишување на тендерите и спроведувањето на процедурите поврзани со тендерите.
- Не располагаат со исти информации. Човек кој е дел од власта секогаш има достап до повеќе, поквалитетни и порелевантни информации. Што се бара, колку се бара, како се бара, колку се бара, …
- Немаат истоветна можност да влијаат врз условите кои се поставуваат. Човек кој е дел од власта секогаш има можност посредно или непосредно да влијае врз формулирањето на условите кои се бараат за извршување на конкретна активност (услови на тендерот).
- Немаат истоветна можност да влијаат врз процесот на одлучување. Човек кој е дел од власта може да влијае врз одлучувањето на најразлични начини (директно – по принципот нати го/дајми го, со тоа што некој од тие кои одлучуваат е во подредена положба во однос на конкретниот функционер, индиректно – со самото тоа што се наоѓа на позиција од која може некому да му биде корисен или да му наштети во некој друг момент, странично – со самото тоа што е пријател или колега или едноставно што пие кафе заедно со тие кои одлучуваат, …).
Тој кој што е на власт е платен службеник на граѓаните. Тој кој што е на власт не смее да биде доведен во искушение да ги модификува законите и правилата на играта согласно потребите на неговиот бизнис.
Заради тоа, се додека е некој на власт НЕ СМЕЕ да добива ни денар од државните пари за водење на сопствениот бизнис или за бизнис на луѓе блиски до него. Тој што дошол на власт НЕ СМЕЕ да излезе од власта со ниту еден денар кој ги надминува примањата кои му ги даваат граѓаните и НЕ СМЕЕ нематеријално да бенефицира од функцијата на која се наоѓа (преку добивање академски титули, печатење научни трудови, збирки на поезија или напредување во професијата која ја имал пред да стапи на функција). Тоа е еднаквост.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените не е дозволено, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.












