Премиерот Христијан Мицкоски очекува секаков инженеринг во Европскиот парламент (ЕП), додека еврокомесарката Марта Кос порача дека членството во ЕУ е најдобар начин да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците.
„Јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата не ги слушај што зборат, гледај ги што прават“, изјави Мицкоски на заедничката прес-конференција со Кос по завршување на лидерската средба.
Дополнително, Мицкоски потенцираше дека неговиот македонски идентитет го одредуваат и Делчев, Шапкарев, Груев, Сандански…
„За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет“, изјави Мицкоски како реплика на Кос која зборуваше за идентитетот на Македонците низ призма на а пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки… традиционалните носии, какви односи се градат со постарите во земјата, каков однос се има кон зачувување на јазикот…
Кос, од друга страна, рече дека доколку Северна Македонија ги исполни заложбите и го промени Уставот, што секако дека не е лесно, тогаш ќе започне веднаш со меѓувладината конфернција без било какви дополнителни политички условувања.
„Членството во ЕУ според мене е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, поради тоа што ЕУ е изградена на приципот на разноличност и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван“, изјави Кос.