ОБРАЗОВАНИЕ : Сојузот на средношколците на состанокот со министерката за образование и наука Мила Царовска ја поздрави одлуката на Владата за започнување на новата учебна година со физичко присуство. Тие го споделија заедничкиот став со министерството дека отворањето на училиштата под здравствени протоколи е најдобра опција за сите ученици.
ЕВАКУАЦИЈА: Сите наши граѓани кои беа пријавени за евакуација од Авганистан веќе го имаат напуштено Кабул и во моментов се наоѓаат во Велика Британија, Катар и Осло, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон Скопје. Со тоа, сите наши државјани кои беа планирани за извлекување од Авганистан се евакуирани.
ИМУНИЗАЦИЈА: Задолжителното приложување сертификат за примена најмалку една доза вакцина, потребно за влез во многу места и присуство на разни настани, го зголеми процентот на вакцинирани. До завчера се ревакцинирани речиси половина милион граѓани. Паралелно со вакцинацијата, се зголемува бројот на новозаразени, кој веќе два дена е по 1000 лица на ден. Расте бројот и на починати како компликација од вирусот. Министерството за здравство вчера соопшти дека во претходното деноноќие се регистрирани 15 починати лица.
АДМИНИСТРАЦИЈА: Во тек е проект насочен кон зголемување на квалитетот и ефикасноста на услугите на државната администрација, информира Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).