Убиен е Оливер Ивановиќ, лидерот на граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“, во Косовска Митровица, потврдил за српските медиуми неговиот адвокат, Небојша Влајиќ.
Ивановиќ бил застрелан утрово во 8.15 часот додека влегувал во просториите на неговата партија. Според косовските медиуми, во Ивановиќ било пукано со 4 куршуми. Полицијата трага по непознатите напаѓачи.
Врз Ивановиќ било пукано додека влегувал во канцеларијата, а го пронашле неговите колеги.
Како што пренесуваат медиумите, во болничкиот круг во Митровица и пред просториите на партијата има гужва, а делот од градот каде се случил нападот е блокиран од големи полициски сили.
Неодамна во Северна Митровица беше запален автомобилот на Ивановиќ.
Српската делегација во Брисел ги откажа започнатите преговори и итно се враќа во Белград поради убиството на Оливер Ивановиќ во Косовска Митровица.
Како што пишуваат српските медиуми, поради убиството на Ивановиќ, претседателот на Србија, Алксандар Вучиќ во 12 часот денеска закажал итна седница на Советот за национална безбедност.
Во 13 часот денеска, претседателот на Србија ќе се обрати и до медиумите.