Основно правно начело согласно домашните и меѓународните правни стандарди е да не се коментира неправосилна судска одлука, сѐ со цел да не се влијае на понатамошната судска постапка и одлучување на повисок степен, стои во соопштението на Здружението на судии на Република Северна Македонија.
„Заради тоа и во овој случај, иако како судство сме прозвани за донесената неправосилна пресуда за предметот познат како „ Онкологија“ – донесена врз основа на признание на вина, Здружението на судии на РСМ, ќе ги почитува правните стандарди и нема да даде свој коментар.
По однос “вечната тема” платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број на судии во Основните судови во РСМ, со фамозното „зголемување“ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко“, се наведува во соопштението од Здружение на судии на Република Северна Македонија.