Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудуваат денешниот непримерен и омаловажувачки однос на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски кон новинарите за време на изјавата пред Кривичниот суд.
ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека градоначалниците се избрани функционери кои се платени од граѓаните и тие имаат обврска да негуваат професионален однос кон новинарите и медиумските работници, со цел да даваат отчет за својата работа и во ниту еден случај не може да биде оправдана лична пресметка на јавни настани. ЗНМ и ССНМ апелираат до засегнатите политичари да имаат поголема култура во јавната комуникација и односот со медиумските работници, бидејќи новинарите служат да ја информираат јавноста, а не да задоволат нечии партиски очекувања. ЗНМ и ССНМ апелираат, исто така, јавните личности, избраните функционери да се воздржат од изјави кои на било кој начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократски вредности.