пишува: ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Уште еден случај на корупција и сите тргнаа да го бранат своето, дека немаат никаква врска со случајот и дека противникот е виновен.
Вистината е дека корупцијата нема партиска боја, колку и да е непријатна за мојата партија – ВМРО ДПМНЕ или за конкурентниот СДСМ.
Никој не е вакциниран!
Да, ВМРО ДПМНЕ не треба да заштитува луѓе кои се синоним за корупција, но надлежните органи треба да го решат проблемот со Специјално јавно обвинителство. Не смее да се отстрани СЈО, туку да се претвори во квалитетен „чистач“ од корупција!
Ако некое лице падне од велосипед, додека учи да вози, тој не престанува да вози велосипед.
Секој треба да стори што може, за да спречи корупција во Македонија. Корупцијата е најлесното ткиво преку кое, интересите на странските земји, можат да влезат и да влијаат врз политиката во Скопје, а Македонија мора да има здраво тело!
Ние треба да ја исчистиме нашата земја од корупција, не за доброто на Европската Унија, туку за нас и нашите животи, што живееме во нашата земја! Така за мене изгледа вистинска љубов кон татковината и вистински патриотизам!
Обичните Македонци, како мене, ни е сеедно дали не крадат од лево или десно. Тие само сакаат просто да не ги крадат!
А криминалните богаташи, сакаат нешто друго и секогаш наоѓаат начин, да ги обединат своите интереси, како што се гледа во најновиот скандал.
Тешко е, но мора да најдеме начин да ги обединиме интересите на оние што не сакаат да бидат крадени и управувани од криминални структури. Ние сме повеќе, но тие се спојуваат полесно. Затоа, потребна ни е обединета Македонија, во која ќе имаат доверба луѓето, кои одбиваат да живеат под ропството на крадците!
По делата ќе не познаете!