пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Власта и опозицијата ги вкрстија копјата повторно во битка за Преспанскиот договор. „Спорот со името“, како и многу изборни циклуси наназад, иако решен на начин што ги штити македонскиот народ, јазик и идентитет и ги отвора перспективите за Македонците и за сите други граѓани на земјава, само поради гола борба за власт на националистите кои знаат дека не можат да сменат ништо, ќе биде пак тема број 1 и на овие избори.
Најилустративно тоа го најави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, кој со препознатлив радикализам и нереален оптимизам, побара од гласачите 81 пратеник за промена на Преспанскиот договор, воедно изразувајќи сигурност дека неговата партија, која стана најбогата во Европа по само 10 години на власт, ќе освои 61 пратеник.
Туку, настрана мокрите сништа на МВРО-ДПМНЕ и Николоски, кои сепак, имаат реални гласачи, богата партија, инфраструктура, пропагандна машина, многу „донирани“ пари, милиони од ДИК… па може и да сонуваат. Покрај нив и други вистински партии, се јавил и „левичарот“ Апасиев, вели, ќе освоел 5 пратеници и веќе прави планови за власт – ќе правел коалиција само со партија која ќе го поништи Преспанскиот договор.
Е па, ајде да видиме како стои оваа алуминиум-коалиција, карши реалноста на бројките и темата „Преспански договор“.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица, пред Преспанскиот, на Парламентарните избори во 2016 година, освоија заедно над 465.000 гласови. Референдумот во 2018-та го бојкотираа. Избегаа кукавички и се криеја зад „милионот“ кој, демек не излегол на гласање. Сепак, реалноста стигна година дена подоцна, кога првпат ја пребројаа заедничката поддршка кај гласачите и против Преспанскиот договор, на претседателските избори 2019, кога заедно застанаа зад Гога Сорос. Заедно, освоија 377.400 гласови. Скоро 90.000 гласови помалку од 2016-та.
Ете толку гласови отприлика „чини“ борбата против Преспанскиот договор кој, јасно му е тоа и на корумпираниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се смени. Но, може да се злоупотребува во пропагандни цели. Оттука и кокетирањето на ВМРО-ДПМНЕ со него, ем ќе го менува, ем го „поткрепјава“, бил „политичка реалност“, се потпишуваат документи, се давааат изјави со „Северна Македонија“… Конструктивни сигнали, наменети за странците и за „неутралната“ публика.
Туку, да се вратиме на Апасиев. Вели, ќе добиел 5-6 пратеника? Замислете го тој делириум. Човечето ни 1.000 потписи не може да собере за регистрацијата на пајтон-партијата. Не може да собере ни 20 души на пленум со 5 ѕвезди во Буши. Кога не се „шлепа“ на општи протести и излегува со Левица сам, ни 50 души не му доаѓаат на улица. Срам и блам.
Не знам дали Апасиев знае дека на избори се бројат луѓе и гласови, а не ботови и лајкови. Па затоа он и Левица земаат 300.000 евра, а големите партии милиони од буџетот. Арно ама, поранешниот советник на Катица Јанева си мисли дека му е добар плукачкиот фазон со „северџаните“ , не толку за иднината на неговиот народ, членство, за сиромашните, колку за неговата лична иднина, за уште повисоки дострели, фотелји, буџети, хонорари…
Ете така стои отприлика со бројките, ниетот и капацитетот оваа алуминиум – коалиција, која запнала да се бори против нашата иднина. Колку што гледаме, „борбата“ против Преспанскиот договор, против НАТО, ЕУ, против еднаквоста и различностите во земјата, плукањето, хејтањето, омразата, досега ги чинеле 90.000 гласови. Само нека продолжат. Уште полошо ќе поминат на изборите на 12 април.