Време е во Република Македонија да биде избрана жена за претседател.
Заради тоа што до сега немало, и покрај тоа што 50% од населението на државата се жени, што значи дека има еднакви шанси да биде најден соодветен кандидат меѓу жените како и меѓу мажите.
Заради тоа што и во 21 век Македонија останува патријархална држава во која доминира мажот, кој е побогат, помоќен, кој одлучува, и на макро и на микро план и ваквата ситуација не може да биде сменета без да биде сменет основниот родово базиран стереотип за посебните улоги на жените и мажите.
Заради тоа што постои видлива и невидлива дискриминација од огромни размери врз основа на пол и род која влијае на благосостојбата и на жените и на мажите. Македонија не успева да излезе од затворениот круг на сиромаштија и назадност, а излезот е невозможен без победата на најназадниот стереотип за различното место на жените и мажите.
Заради тоа што во услови кога државата во изминатите 28 години ја раководеа пред се мажи, Македонија не напредуваше, туку стагнираше па дури на некои полиња и назадуваше во однос на почетната позиција при осамостојувањето.
Заради тоа што е потребно влијание во менување на практиката мажите да бидат доминантни во Владата, во дипломатските претставништва, во безбедносните структури, на други раководни функции врз кои може да изврши влијание претседателот на државата со своите предлози.
Заради тоа што жените не успеваат да ја наметнат женската перспектива во областите каде што се тие посебно заинтересирани и специфично засегнати (заштитата на животната средина, семејното насилство, буџетските распределби, заштитата при работа, образованието, урбаното и просторно планирање, социјалната заштита, безбедноста, …).
Заради тоа што борбата за рамноправноста мора да почнува и одоздола (во секојдневниот живот) и од највисоките функции во државата.
Заради тоа што демократијата значи промена, посебно промена на политиките на државата, а во Македонија до сега немало промена на тоа секогаш на кормилото да стои маж.
ВРЕМЕ Е ЗА ЖЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛ.
Преземање на содржините од оваа рубрика е ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.