Како дел од пред време започнатата предизборна кампања за локалните избори, осамна билборд во близина на Соборниот храм, на кој граѓан(к)ите се информираат дека некој (власта?) тајно преговара за менување на името на државата и на националниот идентитет.
Граѓански новинар кој сакаше да остане анонимен, испрати до ЦИВИЛ Медиа фотографија направена во близина на Соборниот храм во Скопје.
„Кој ви даде право да преговарате за моето име и идентитет?“, гласи пораката која ја упатува до власта, фотографираното дете, преку големиот билборд на булеварот „Партизански одреди“.
„Спорот за името е поврзан со сѐ: со ЕУ, НАТО, Договорот со Бугарија, Законот за јазици. Крај на преговорите за името! Нашето име е Македонија“, гласи една од пораките кои ги забележал граѓанскиот новинар.
На билбордот се цитирани и наводна изјава на преговарачот за името, Метју Нимиц и наводен став на американскиот Стејт департмент: „Ако јас бев Македонец, немаше да преговарам за името“ (Метју Нимиц) и „Не би имало никакви последици коколку Македонија ги прекине преговорите“ (Стејт департмент).
Дали во недостаток на идеи и вистински проекти со кои ќе им се овозможи подобар живот на граѓан(к)ите, кандидатите за градоначалници и советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на коалиционите партнери, ќе се борат за гласовите на граѓаните за Локалните избори 2017, само со црна кампања, лаги, клевети, манипулации…?