Иако сум дел од здравствениот персонал, во понатамошниот текст сум пациент како и секој друг.
Ситуација 1 (искуство ем лично ем општо)
– Добар ден. Треба да испитам…..
– Немаме реагенси.
– А кога да дојдам затоа што…
– Не знам.
– Мене ми треба набрзо, планирам…
– Што те гледам чуден, година дена немаме. И ќе немаме.
– Мене упатот ми е за овде и…
– Е па нема, иди у приватно ако ти треба.
– Ама таму е…
– Следечи!!!!
Ситуација 2 (од лично искуство)
Операција на колено. Историјата е за уште два текста, ама да ја скратам приказната. Пред година – две, Велики Четврток. Последни подготовки за операција на Клиника. Договорот паѓа. Вторник после Велигден утрински да се појавам на Клиниката спремен за операција. Заради маките што ги тргав претходно ми падна камен од срце што ќе имам операција.
Вторник сабајле. Тренерките на мене, пижамчињата в ранче, четка и паста и правец Клиника. Со насмевка влегувам во амбулантата, упатот претходно заверен а таму ме дочекува докторска „кисела“ фаца. ?!?!
Абе знаеш, ја сакав ептен, знаеш и сам, ама овој Директоров многу гадно типче. Се што имаше пинови потрошил за празников.
Па нели не работевте за Велигден? Нели имаше се што ми требаше за операцијата?
Абе да, ама сега ете нема. Туку знаеш што? Јас ти најдов тебе пинови, еве можеш сега одма да одиш и да ги земеш. – Колку се? – 30000 денари, ама ги нема нигде и побрзај.
Јас се извинувам ама јас дојдов во ЈЗУ а не во ПЗУ. Да беше за така ќе си идев во приватно, 1.500 евра ќе си ги изброев, ќе влезев, ќе ме оперираа и ќе си отидев. Чиста работа. Ама јас дојдов овде затоа што јас немам толку пари, затоа што јас сум здравствено осигурен, затоа што одвојувам месечно веќе дваесетина години за да има пинови и џекови и банани и што знам јас каква музичка опрема. Дојдов овде затоа што рековте дека има се, дека нема да има проблем. Затоа што во јавно здравство не смее да нема игли, конци, епрувети, терапија, не смее да нема пинови и стентови. Јавното здравство не смее да биде сервис на приватното. Никогаш.
Затоа што јавното здравство е за мене и обичните смртници и треба да ни биде секогаш на услуга. И не треба некои од докторите во државно да се во соработка со приватното на моја штета. И не смее кога ќе се обратиме до Фондот како што направив да добиваме одговори од типот „е таму такви се“. Фондот треба мене да ме штити а не оние кои работат мене да ме опљачкаат. Оние кои поминале како брз воз покрај Хипократовата заклетва. Хипокрити ниедни.
Почитуван Министре, кој и да бидеш. Веднаш да го решиш овој голем проблем. Не смее да има повеќе шетање од шалтер на шалтер и чекање на реагенси со месеци. Зошто да плаќам за хеликобактер 1.000 денари во приватно ако можам 80 во државно или пнеумослајд на пример кој со партиципација е 350 денари додека приватно е 9 до 10 пати поскапо? Немаме сите за да одиме во приватните лаборатории и установи каде преглед само е 1.000-1.500 денари. Што да правиме ние?
Да се надеваме дека ќе ни помине како на куче? Или магично ќе оздравиме додека гледаме како болестите и умирачките земале огромен замав?
Додека чекаат да дојдат реагенси или да се ослободи термин за магнетна, некои не дочекуваат. За жал. И ова мора да се смени. Да се стави крај на маките и голготите на пациентите во Јавното здравство. Сите трчкарања од болница до болница, малтретирање на тешко болни низ Клиника по калдрми и снегови, чекањето некој дистрибутер да се смилува и да донесе реагенси. Затоа што Здравството постои за нас пациентите а не обратно.
Овие два примери што ги кажав се од времето кога царуваше криминалот во Здравството, во времето на ВМРО ДПМНЕ, но се провлекуваат сеуште. Што значи Ваша примарна задача ќе биде да ги снема овие проблеми и тоа веднаш. Јавното здравство да профункционира онака како што треба а не да биде само празно скалило на кое пациентите ќе се сопнуваат, кои немаат за приватно а заслужуваат државно лекување.
Почитуван Министре, знам дека ќе имаш тешка задача. Здравството го урнисаа и доведоа до најниско скалило. Да не речам го уништија. Но Вие ако сте искрен во намерите тогаш ќе ја имате цела наша поддршка за што побрзо излекување на Здравството.
Вие сте на потег.