Како последица на топењето на снегот од зголемените температури, врнежите од дожд и очекуваните зголемени водостои на сите водотеци во државата, од Центарот за управување со кризи предупредуваат на зголемена внимателност при движење крај водотеците и суводолиците, особено во сливовите на реките Треска и Радика.
„Според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи, најголемо покачување на водостојот се бележи во сливовите на реките Радика, Треска, Сатеска и Црна Река. А, во останатите сливови се бележат благи до умерени покачувања. Засега, нема поголема опасност од излевање на реките, но можно е заезерување на дел од помалите реки и водотеци“, изјави Надица В`чкова, портпаролот на ЦУК, за ЦИВИЛ Медиа.
Центарот веќе ги известил општините, со препораки внимателно да ја следат состојбата, за да се превенираат евентуални излевања на реките и штети врз имотите на граѓаните во близина на речните корита.
„Препорачавме во општините редовно да ги проверуваат речните корита и мрежите на одводните канали и доколку е потребно да ги стават во мобилност ресурсите и капацитетите на јавните претпријатија“, вели портпаролката В`чкова.
Што се однесува до моменталната состојба во населените места од Скопско, коишто минатата година беа зафатени од катастрофални поплави, од Центарот потенцираат дека во моментов, нема информација за евентуална зголемена опасност од поплави.
„Состојбата се следи. Доколку се оцени дека е потребно, надлежните институции навреме ќе преземат соодветни мерки“, вели В`чкова.
Моника Талеска