Поранешниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски бил во скопското обвинителство на распит за снимените разговори во телефонската централата во новата зграда на обвинителството, објави „Независен весник“.
Тој е последниот на листата сведоци кои досега биле повикани за овој случај кој сѐ уште се наоѓа во предистражна постапка.
Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител, на брифинг со новинарите пред околу два месеци обелодени дека биле откриени два хард диска со снимени разговори од фиксните телефони во новата зграда на обвинителството. Првично беа пронајдени разговори од 30 септември 2016 па до дента кога Јовески го обелодени случајот, но потоа тој изјави и дека има индиции дека разговорите се снимани од моментот на пуштањето на телефонската централа во 2013 година.
Исто така, тој нафрли сомнежи во јавноста дека телефонските разговори се снимани и во централата на Кривичниот суд во Скопје.
М. И.