„Среде работно време ме повикаа да ме известат дека ми прекинува работниот однос и дека нема да ми го продолжат договорот. Додека си ги собирав работите, цело време ме следеше обезбедувањето на фирмата. Мојот отказ и отказот на уште 5-6 души, е веројатно затоа што решивме да формираме синдикално здружение коешто ќе ги застапува и брани правата на работниците, во странската фабрика за производство на воздушни перничиња ‘Ки Сејфти Системс’“, вели за ЦИВИЛ Медиа, претседателот на синдикалната организација, Слободан Страшеновски.
Тој потенцира дека работниците работат и во сабота и недела, а тој што ќе протестира или ќе се побуни – добива отказ, односно, едноставно, не му го продолжуваат договорот за работа.
„Ако се седи дома за празници, кога е неработен ден, потоа се работи во три смени за да се надополни ‘изгубениот’ ден. Порано, договорите ги правеа на 6 месеци, а сега, секој месец се продолжува договорот за работа. Постојано има отпуштање и примање на нови работници. Најмногу вработуваат Роми, бидејќи им се закануваат од Бирото за вработување дека доколку не прифатат да работат, ќе им ја укинат социјалната помош“, истакна Страшеновски.
Вчера избрканите работници организираа протест, за што биле известени и во фирмата.
„Преотестиравме само 5-6 души пред фабриката, бидејќи оние кои се уште вработени, беа исплашени за своите работни места. Сите се свесни во какви услови работат, но сепак, не ни се придружија на протестот. Ние ‘герилски’ ќе делуваме надвор од фабриката, и ќе се бориме за правата на работниците“, потенцираше Страшеновски.
Американската инвестиција „Ки Сејфти Систем“ своите погони во Кичево ги отвори во 2015 година со најава дека ќе бидат вработени над 1.000 луѓе. На отворањето, тогашниот премиер Никола Груевски, изјави дека девет години траеле преговорите со Американците да инвестираат во земјава.
Дехран Муратов