ВЕСТ НА ДЕНОТ
На третиот ден од вашингтонскиот Самит на НАТО, лидерите на Алијансата имаат состанок со нивните колеги од партнерските земји од азиско-пацифичкиот регион – Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја, како и со високи претставници на Европската Унија.
Самитот ќе заврши со заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на шефовите на држави или влади, на кое се очекува реафирмација на поддршката на Алијансата за Кијив колку што ќе биде потребно.
Во заедничката декларација усвоена на Самитот на НАТО во Вашингтон, помеѓу другото се наведува дека Алијансата ќе остане силно посветена на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, регион „од стратешко значење за Северноатлантската алијанса“. Во документот се додава дека демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантските интеграции и дека се очекува континуиран напредок на тој план.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Сеќавањето на геноцидот во Сребреница е дел од институционалната мерморија на ОН, ЕУ, САД, Канада, Германија, Канада… а македонското Собрание во 2010 година усвои Резолуција со која се осудува геноцидот во Сребреница. Вчера Европската унија испрати јасна порака дека нема место во ЕУ за оние кои го негираат геноцидот. Денес сеќавањето на жртвите на геноцидот во Сребреница е вредност на која цивилизираниот свет се дели од остатокот на светот“, изјави Џелал Хоџиќ по повод одбележувањето на 11 Јули Денот на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница.
РЕГИОН
Редакциски избор од албански медиуми: Албанија, Италија, Бугарија и Северна Македонија го потпишаа документот за воена мобилност долж Коридорот VIII; Албанската опозиција на протести; Косово го прогласи 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница
СВЕТ
Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент денеска ќе одржи седница на која една од точките ќе бидат и неодамнешните посети на унгарскиот премиер и актуелен претседавач со ЕУ, Виктор Орбан на Кијив, Москва и Пекинг. Веднаш по преземањето на претседавањето на неговата земја со ЕУ, Орбан прво отпатува за Украина, а потоа замина во посети на Русија и Кина, без консултации со институциите на ЕУ.
Подготви: Б. Јордановска