Пинг-понг со одговорноста: Џафери-Рускоска-Кривичен
Продолжува пинг-понг партијата со одговорноста околу имунитетот на пратениците обвинети во случајот со нападот на Собранието на 27 април 2017 година.
Обвинителката Вилма Рускоска се откажа барањето за полициско следење на пратеници Трајко Велјаноски и Љупчо Димоски, велејќи дека одговорноста за негово евентуално бегство ќе биде на Собранието. Талат Џафери вели дека во случај на нивно бегство, одговорноста е кај судот, затоа што тој е надлежен да го обезбеди присуството на сите обвинети и осомничени.
Џафери на брифингот со новинарите рече дека Собранието може да донесе одлука за барањето за притвор на Велјаноски, но претходно мора да има одлука на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања.
Кривичен суд му одговори на Џафери преку соопштение: „Судот не може да постапува по предлогот за определување на мерката притвор без претходно позитивно произнесување на Собранието во однос на имунитетот. Неприфатливи се изјавите дека Судот ќе биде одговорен за одолговлекување на постапката, дотолку повеќе што Судот не може своеволно и спротивно на законот да определува било какви мерки за обезбедување доколку за истото не се создадени услови“.
Кривичен, сепак, не ја исклучи можноста повторно да побара притвор, зависно од следните чекори на Обвинителството.
Избирачкиот список на јавен увид, во ДИК нема пријави за фантоми, граѓаните се жалат во ЦИВИЛ
Избирачкиот список, што од 23 февруари до 14 март ќе биде на јавен увид за граѓаните, се ажурира секојдневно. Државната изборна комисија дневните извештаи ги објавува на својата веб страница.
Заклучно со 25 февруари, јавен увид во ИС извршиле вкупно 14.587 граѓани. Само за 7 граѓани е донесено решение за запишување, а во случајот со двајца граѓани е извршена промена на податоците. Досега нема решенија за бришење од ИС, ниту, пак, некој увид во Ио со поништена адреса на живеалиште.
Овие податоци се однесуваат само на лична проверка на податоците од ИС во некои од поддрачните одделенија и канцеларии на ДИК и во 46 дополнителни канцеларии сместени во единиците за локална самоуправа.
Што се однесува до онлајн проверката во ИС, на адресата на ЦИВИЛ веќе пристигнаа пријави за нерегуларности. Граѓаните пријавуваат појава на фантомски гласачи, што ниту живеат на нивната адреса, ниту, пак, некогаш живееле. Ако пријават во ДИК, се препраќаат во МВР и обратно.
Уште една недела отворен повик за набљудувачи
Конкурсот за краткорочни и долгорочни набљудувачи на ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе биде отворен до 6 март во 17 часот.
Сите заинтересирани граѓанки и граѓанки кои сакаат да бидат дел од мониторинг тимовите на ЦИВИЛ потребно е да ја пополнат онлајн апликацијата за пријавување на краткорочни и долгорочни набљудувачи на изборниот процес.
Груевски и официјално е азилант
„Во текот на истрагата беше откриено дека Никола Груевски имал патни исправи што важеле и на влезот на унгарско-српската граница и на претходните гранични премини и дека неговото влегување во Шенген зоната било во согласност со законските одредби“, стои во објаснувањето на унгарската полиција за истрагата на бегството на поранешниот макеоднски премиер, Никола Груевски, јавува унгарскиот портал 444.hu.
Царовска: Со социјалната реформа ќе ги извлечеме семејствата од долготрајна сиромаштија
На Регионална конференција во Љубљана, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествуваше во панел дискусија посветена на „Структурните реформи за конкурентни пазарни економии“. Таа ја истакна важноста на социјалната реформа и како таа ќе приоднесе во надминување на сиромаштијата.
Социјалната реформа е сè уште во собраниска процедура, иако предвидува инвестиции во предучилишното образование, вработување, посебно на младите…
„Во последните година и пол работевме напорно да ја направиме социјалната реформа. Од една страна, оваа реформа целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани и значително ја зголемува финансиската помош која ја добиваат. Од друга страна, новиот систем овозможува поддршка, обуки и советување, за да може секој човек да почне да работи. Овој пристап ќе им помогне на луѓето трајно да излезат од сиромаштија, но истовремено ќе ја зголеми работната сила во земјата“, рече Царовска.
Османи: Северна Македонија и Албанија со взаемна поддршка за почетокот на преговорите со ЕУ
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи оствари средба со вршителот на работите Министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај, кој е во работна посета на земјава.
„Симболиката на овој суштински гест е уште еден доказ за исклучително добрите односи меѓу двете земји, кои, одамна веќе не само што немаат меѓусебни отворени прашања, туку напротив, градат односи кои претставуваат вистински израз на меѓусебно пријателство и блискоста на граѓаните на двете земји“, истакна Османи.
Долг е патот до остварување на работничките права
Хелсиншкиот комитет за човекови права подготви две анализи посветени на состојбата со работничките права во земјава, кои ќе бидат презентирани утре, во хотел Арка, со почеток од 11 часот.
Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет вели дека станува збор за две различни анализи кои паралелно биле спроведувани од експертски тима. Автор(к)и на двете анализи се д-р Мирјана Најчевска, д-р Анета Цекиќ, д-р Ана Блажева, д-р Јордан Шишовски, м-р Соња Стојадиновиќ, м-р Кире Василев, Мариглен Демири, Наташа Нешевска и Никола Штериов.
„Првата анализа се однесува на задоволството од механизмите за заштита на работничките права и ги таргетира сите заштитни механизми кои што можат да бидат активирани кога работничките права се прекршуваат. Тоа е анализа што треба да ни покаже колкава е ефикасноста од една страна на заштитните механизми, колкава е достапноста и пристапноста на на тие механизми, колку е информираноста на работниците за постоњето на овие механизми, колку се користат и на крајот од денот кој е резултатот од користењето на овие механизми. Втората анализа се однесува малку повеќе на стандардите што треба да се испочитуваат за работничките права и колку истите имаат своја примена во Македонија. Кога зборувам за стандарди, прво мислам на домашните кои се пропишани во домашната легислатива, директивите на Европската унија, меѓутоа и сите оние стандарди што ги пропишува Меѓународната организација на трудот. Оваа е една анализа која треба да каже и да даде резултат во однос на тоа колку е досега спроведеноста и што треба да се спроведе“, вели Јадровски за ЦИВИЛ МЕДИА.
Уште се чека на резултати од истрагата за трагедијата кај Ласкарци
Вештачењето на автобусот што пред две недели се преврте кај Ласкарци, при што загинаа 15 патници, уште не е готово.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека уште работа по наредбите што ги добиваат од Јавното обвинителство. Тој истакна дека МВР презема мерки возачот на автобусот да остане заштитен, бидејќи тој е дел од истражната постапка, а запознаени се со сите закани по неговиот живот.
А. Петровска